Шпанија е четвртиот ривал на Македонија на Светското ракометно првенство во Германија и во Данска. Дуелот во „Олимпијахале“ е вечерва со почеток во 20.30 часот. „Фуријата“ е голем фаворит, не чувствува никаков притисок и ако нешто значи, а значи, на нејзина страна е традицијата во меѓусебните судири.
„Црвено-жолтите“, пак, се наоѓаат во незавидна позиција, под притисок за реализација на желбите за главна фаза и покрај Шпанците, утре ќе играат и со Исланд (18 ч.). Потребен еден триумф за Келн, но прашање е дали може да дојде уште вечерва. Можен е, секако. Спортот досега нудел изненадувања и фаворитите на хартија да бидат изненадени на терен.
Во овој случај, или Македонија треба да биде на највисоко можно ниво и составот на Раул Гонзалез да функционира како швајцарски часовник или Шпанија да помисли дека самото појавување на терен ќе биде доволно за освојување на двата бода. Желбите за победа на ракометарите се неспорни меѓутоа тоа отвора два ризика – дали да се штедат сили за Исланд и дали тоа ќе даде резултат против Исланд.
Гаранции за тоа нема ниту, пак, некој може да ги испорача бидејќи мечот ќе биде одлучувачки и за Исланѓаните за пласман во вториот круг. Затоа вечерва во Минхен се прашуваат, пред се, Шпанците. Македонија се надева во реприза на шпанскиот однос од натпреварот со Јапонија во кој европскиот првак се луксузираше во првото полувреме и замина на одмор со негатива. Тоа го посакуваат „црвено-црните“ кои во евентуален таков заплет се надеваат и на среќен расплет, оти и технички и тактички се неколку нивоа над „самураите“, што на крајот ќе значи прва радост во седмата пресметка досега со „фуријата“.
Четвртата рунда во групата Б ја отвораат Јапонија и Исланд од 15.30 ч., а по нив во „Олимпијахале“ ќе влезат и репрезентациите на Хрватска и на Бахреин. Исланѓаните и Хрватските важат за фаворити и се освен нивни победи ќе биде изненадување.
Денеска на СП во ракомет (м)
Група Б, 4 коло
Јапонија – Исланд (15.30 ч.)
Хрватска – Бахреин (18 ч.)
Македонија – Шпанија (20.30 ч.)
Табела: Хрватска 6, Шпанија 6, Македонија 4, Исланд 2, Јапонија 0, Бахреин 0.
Група Д, 4 коло
Ангола – Аргентина (15.30 ч.)
Унгарија – Египет (18 ч.)
Катар – Шведска (20.30 ч.)
Табела: Шведска 6, Унгарија 5, Катар 2, Египет 2, Ангола 2, Аргентина 1.