Шведска го освои петтото место на Светско првенство во ракомет во Германија и во Данска. Скандинавската селекција во Хернинг ја совлада Хрватска со 34:28 (полувреме 18:15) и со седум победи и два пораза ги заврши настапите на 26 мундијал. Екберг со шест гола беше најефикасен шведски играш, пет додаде Нилсон колку што реализира Степанчиќ за хрватската селекција.
Шпанија, пак, славеше над Египет со 36:31 (полувреме 17:18) и се смести на седмата позиција што обезбедува квалификации за олимписките игри во Токио во 2020 година. Лидер на „црвената фурија“ беше Жоан Кањелјас со девет гола, Ел Ахмар беше централна фигура кај Египќаните со осум.
Утре (недела) во Хернинг се завршните мечеви на шампионатот. Од 14.30 часот, во меч за бронзениот медал, ќе играат Германија и Франција, а од 17.30 часот е големото финале меѓу Данска и Норвешка. Данците во полуфиналето ги елиминираа „триколорите“ со 38:30 додека Норвежаните ја поразија Германија со 31:25.