Вардар го реши осминафиналниот двомеч во ракометната Лига на шампиони со ППД Загреб уште по „првото полувреме“ во хрватската престолнина. Европскиот шампион од 2017 година ги декласира „плинарите“ со 27:18 (полувреме 14:6) за, слободно ќе речеме, формален реванш по седум дена во СЦ „Јане Сандански“.
Ракометната пресметка што беше најавена како меч на неделата на ЕХФ и дерби на осминафиналето донесе еднонасочен натпревар. „Црвено-црните“ не беа дотолку ефикасни во напад колку што беа ефективни во одбрана. На голот го имаа и извонредниот Дејан Милосављев, па бедемот пред него беше пробиен дури во седмата минута од средбата.
До крајот на полувремето, домашните имаа уште два „црни“ периода без реализација и на одмор заминаа со едвај шест постигнати гола додека вардарци ја параа нивната мрежа од секоја можна позиција. Незапирлив беше Даинис Кристопанс, фантастичен беше Игор Карачиќ на моменти и Кристијан Дизингер.
Второто полувреме донесе, резултатски, израмнета игра, но само поради определбата на Гарсија Парондо за што поголема ротација во составот. Но, и со таква констелација на силите на теренот, ППД Загреб не успеа да се избори за помал минус пред реваншот.
Кристопанс и Карачиќ постигнаа по пет гола за Вардар, Фереира Мораеш додаде четири, Дизингер и Чупиќ по три во убедливиот триумф на македонскиот првак во Загреб. Листата на стрелци кај домашните ја предводеше Давид Мандиќ со пет погодоци, Лука Мраковчиќ запиша три, бројка што не успеа да ја достигне ниту еден друг нивни соиграч.
Вардар и ППД Загреб ги очекуваат уште два меѓусебни меча во наредниот период. Покрај реваншот во Скопје во Лигата на шампиони, македонскиот и хрватскиот првак ќе играат и во полуфиналето на Фајналфор турнирот во СЕХА лигата во Брест, Белорусија.
Лига на шампиони во ракомет (м)
Осминафинале, први средби
ППД Загреб – Вардар 18:27
Мешков Брест – Фленсбург 28:30
Мотор Запорожје – Виве Кјелце 33:33
Рајн Некар Левен – Нант 34:32
Недела
Спортинг Лисабон – Веспрем
Висла Плоцк – ПИК Сегед