„Очекуваме дека ќе го добиеме еден од најдобрите извештаи на Европската комисија од досега добиените и ќе добиеме кристално чиста препорака, а земјите-членки треба да ја одобрат. Во услови кога европската идеја е се повеќе нападната, оспорена и загрозена, Република Северна Македонија направи преродба на нејзините основни принципи, едноставно таа е еден остров на Балканот кој ја преродува и заслужува повеќе од кога било и од кој било да почне овој процес“ рече на прес конференција вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.
Аргументите на Франција дека Европа треба прво да се продлабочи пред да се прошири, ние го објаснуваме со фактот дека ние не бараме утре да влеземе во ЕУ, и сметаме дека додека Западниот Балкан се подготвува за членство, ЕУ има време да се продлабочи рече Османи.
Извештајот на Европската комисија се очекува да биде објавен на 29 мај. До тогаш земјава ќе биде концентрирана на предизборна кампања, но ова не значи дека нема да се продолжи со реформите за да се постигнат стандардите и критериумите што ги бара ЕУ, рече Османи.
Османи наведе дека е добра одлуката на ЕУ, Извештајот да не се објавува во април, затоа што сметаат дека со објавувањето на неговата содржина во предизборна атмосфера би можело да се предизвика голем притисок, имајќи предвид дека во некои земји-членки не е многу популарно проширувањето на ЕУ, проширувањето со Западен Балкан.
„ Ако хипотетички извештајот биде на 29 мај, одлуката на Советот на министрите е на 19 јуни, што значи вкупно 20 дена, а сите 28 земји тој извештај од ЕУ треба да го одобрат и да заземат политички став дали ќе го поддржат. Очекуваме дека ќе го добиеме еден од најдобрите извештаи од досега добиените и ќе добиеме кристално чиста препорака, а земјите-членки треба да ја одобрат. Во другите земји-членки процедурата е пократка освен во Германија и во Холандија, каде нивните парламенти треба да ја донеат одлуката, а дотогаш претставниците на владите во Советот не можат да имаат став. Ако една земја-членка нема став, бидејќи одлуката е консензуална мора сите да кажат „да“ за почеток на преговори за да има одлука, рече Османи.
„Ако се пролонгира објавувањето на Извештајот по јуни, тоа може да се сфати како лоша порака тука внатре, да создаде внатрешни фрустрации, да ги обесхрабри земјите од регионот, да го следат нашиот пат, меѓутоа да ја комплицира ситуацијата“ наведе Осамни.
Тој заедно министерот за надворешни работи Никола Димитров на 10 април ќе одат во Бундестагот, за да објаснат колку е важно за државава да има одлука.
„ Ја преродивме европската идеја дека само со соработка меѓу соседите ќе се постигне одржлив мир. Ние тоа го направивме со Договорот со Бугарија и со Грција и сме единствената земја во регионот која нема ниту едно отворено прашање со сите пет соседи. Ние денеска може да имаме меѓувладини седници со која било од петте наши соседи и на агендата нема да има ниту едно прашање кое би било решавање на проблем.
Двете големи етнички заедници кои пред само 18 години беа во војна денеска имаат заеднички кандидат за претседател на државата. Ако ја гледаме големата слика каде бевме пред 18 години и каде сме сега, тоа е преродба. Имаме над 95 проценти хармонизација со надворешната безбедносна политика на ЕУ. Само минатата година спречивме 17.000 нелегални обиди на мигранти да влезат во ЕУ, рече Османи.
За борбата против корупцијата, Османи кажа дека се создале три институции Антикорупциската комисија Антикоруциското специјално обвинителство и Координативното тело за борба против организиран и сериозен криминал, кои покажаа резултати, а за безбедносните реформи дека се формирани новата агенција ОТА, а се подготвува и нов Закон за УБК.
Во однос на изборите, Османи наведе дека фер и демократско спроведување на изборите е многу важно не заради тоа кој ќе биде претседател на државата, туку заради тоа што се случуваат во последниот месец пред да се донесе одлуката на Советот на министри на ЕУ, рече Османи.