Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која ја набљудува изборната кампања за претседателските избори во својот периодичен извештај што се однесува од 11 март до втори април наведува дека и натаму не е постапено по дел од претходните препораки. Меѓу нив се наведуваат ограничувања на правото да се биде избиран, ускратување на избирачките права врз основа на одземената деловна способност, детална анализа на периодичните извештаи за финансирање на кампањата и законските ограничувања во врска со својството на подносител на приговори.
Мисијата забележува и на нејаснотиите во изборниот законик доколку кандидатите водат кампања надвор од определениот период.
„Кандидатите пред официјалната регистрација на 21 март беа вклучени во активности на кампања, како одржување на средби со граѓаните од помал размер ширум земјата и давање интервјуа за медиуми. Како што предвидува законот, кандидатите го прекинаа водењето на кампања по својата формална регистрација, иако политичките партии продолжија да ги презентираат нивните програми, да ги критикуваат нивните ривали и да ги поддржуваат претседателските кандидати зад кои застанаа”, се наведува во извештајот на мисијата.
Во документот се нотира дека, генерално, жените се недоволно застапени во јавниот живот, но дека женските права и родовата еднаквост сѐ уште не се пројавија како истакнати прашања во кампањата.
“Г-ѓа Силјановска Давкова се соочи со негативни родови стереотипи на социјалните медиуми како на пример коментари за нејзиниот изглед”, наведуваат од ОДИХР.
Инаку Мисија за набљудување на изборите се состои од главен тим од 11 члена со седиште во Скопје и 18 долгорочни набљудувачи кои беа распоредени ширум земјата на 20 март. Членовите на мисијата доаѓаат од 19 земји членки на ОБСЕ. Организацијата побара од земјите членки да обезбедат 250 краткорочни набљудувачи за да го набљудуваат предвременото гласање на 20 април и отворањето, гласањето, пребројувањето и сумирањето на 21 април.