Игор Карачиќ ја отвори душата за сопственото искуство во Вардар, за причините за заминувањето, за можноста да се врати, за финансиските проблеми во двократниот победник во Лигата на шампиони на ЕХФ, за Скопје, за македонскиот народ, за државата, за Сергеј Самсоненко. Хрватскиот репрезентативец и МВП на Фајналфор турнирот во „Ланксес арена“ во Келн за специјализираниот ракометен портал www.handballfast.com истакна дека воопшто не било лесно да донесе одлука за разделба со „црвено-црните“ по седум години.
„Не знам. Ја сакам Македонија, го сакам Скопје, го сакам Вардар. Ги чувствувам како мој втор дом. По истек на договорот со Кјелце можеби ќе се вратам таму. Македонците се класа луѓе – добри, паметни, силни. Ќе биде одлично ако ја завршам кариерата во Вардар“, е одговорот на Карачиќ на прашањето дали ќе заминеше од Скопје доколку ги немаше финансиските проблеми во Вардар.
Хрватот откри дека Вардар ги дофати ѕвездените моменти во Лигата на шампиони без 21 плата. Ракометарите и натаму имаат побарувања од клупското раководство кое го ветило 1 септември како рок за исплата на финансиските обврски. Пред почетокот на сезоната, вели Карачиќ, сите добиле зелено светло да бараат нови клубови, но, сепак, одлучиле да останат.
„Беше тешко пред почетокот на сезоната. Се собравме во Скопје и ни беше речено дека клубот е во финансиски проблеми. Немавме земено плата 21 месец. Тогаш ни рекоа дека кој сака може да си оди. Меѓутоа ние решивме да останеме до крај на сезоната и да играме во Лигата на шампиони. Се останато е историја. Сè уште чекаме на исплата што ветија дека ќе се случи до 1 септември. Му верувам на Сергеј Самсоненко. Тој е одличен раководител“, вели Карачиќ.
Карачиќ беше член на Вардар од 2012 година. Со „црвено-црните“ се раздели на најдобар можен начин, со втора титула во Лигата на шампиони и прослава на плоштадот „Македонија“ во Скопје по што замина во Полска каде во наредните три сезони ќе игра во сино-жолтиот дрес на Кјелце заедно со поранешниот соиграч од СЦ „Јане Сандански“, Алекс Душебаев.