Динамо Загреб и Црвена звезда се доближија на чекор до групната фаза во фудбалската Лига на шампиони по првите плејоф дуели со Розенборг, односно, Јанг Бојс. „Модрите“ ќе понесат плус два во реваншот против норвешки Розенборг по вечерашните 2:0 на „Максимир“ додека „црвено-белите“ се враќаат во Белград со 2:2 од гостувањето во Швајцарија кај екипата на Јанг Бојс.
Победникот во „првото полувреме“ од хрватско-норвешкиот двомеч беше решен во воведните пола час игра. Бруно Петковиќ погоди од пенал во осмата минута, за 20 минути подоцна во листата на стрелци да се впише и Мислав Оршиќ. Аријан Адеми ги одигра сите 90. минути за Динамо Загреб.
Јанг Бојс и Црвена звезда постигнаа по гол во полувреме на стадионот „Швајцарија“ во Берн за конечни 2:2 пред реваншот за седум дена во Белград. Интернационалецот од Брегот на Слоновата Коска, Роџер Асале во седмата минута и Французинот Жилом Оаро во 76. минута од пенал реализираа за домашните, Милош Дегенек во 18. минута и Матео Езекил Гарсија во 46. минута ги дадоа головите за белграѓани.
Најубедливата победа во првите плејоф средби за ЛШ ја оствари Олимпијакос кој го прегази Краснодар со 4:0 и, речиси, го испрати во групната фаза во Лига Европа. Гвереро во 30 .минута, Лазар Ранѓеловиќ во 78. минута и во 86. минута и Даниел Поденсе во 89. минута „стрелаа“ за грчкиот тим кој сè уште е без примен во квалификациите за елитното клупско фудбалско друштво на УЕФА.
Плејоф за Лига на шампиони, први мечеви
Динамо Загреб – Розенборг 2:0
Јанг Бојс – Црвена звезда 2:2
Олимпијакос – Краснодар 4:0
Вторник
Клуж – Славија Прага 0:1
АПОЕЛ – Ајакс 0:0
ЛАСК Линц – Бриж 0:1