Бодот од Бер Шева доби на тежина во Рига. Македонската фудбалска репрезентација ја совлада Летонија со 2:0 во шестото коло во групата Г во квалификациите за Европското првенство во 2020 година и се врати на четвртото место на табелата со осум бода колку што има и Израел на петтото. Лидерската позиција ја држи Полска (13 бода) чиј национален тим одигра 0:0 на домашен терен со третопласираната Австрија (10 бода), а меѓу нив е Словенија (11 бода) која вечерва на стадионот „Стожице“ во Љубљана го порази Израел со 3:2.
Македонија се оправда како фаворит на Балтикот, а Летонија се потврди како најслаба селекција во групата во која нема ниту една победа во досегашните шест меча и закована е на последното место со гол разлика 1:21.
Македонските фудбалери во само три минути на стадионот „Даугава“ ги „спакуваа“ трите бода за Скопје. Капитенот Горан Пандев погоди во 14. минута, Барди се додаде во листата на стрелци во 17. минута, останато беше рутина за избраниците на Игор Ангеловски кои креираа уште неколку ситуации за уште поубедлив триумф, но трет погодок не прославија.
Националниот тим во октомри го очекуваат нови два меча во групата Г што се оценети како клучни во борбата за второто место на табелата. На 10 октомври (20.45 ч.) на арената „Тоше Проески“ ќе гостува Словенија, а на 13 октомври (20.45 ч.) македонската репрезентација ќе оди на мегдан на Полска во Варшава.
Летонија – Македонија 0:2 (0:2)
Стадион: „Даугава“ во Рига. Гледачи: 3.000. Гл. судија: Еспен Ескас. Асистенти: Јон Михаел Кнудсен и Ејстин Итерланд (сите тројца од Норвешка). Ж. картони: Максименко, Камешс, Ругинс, Икауниекс (Летонија), Бејтулаи, Адеми, Барди (С. Македонија). Стрелци: Пандев 14’, Барди 17’ за Македонија.
Летонија: Ванинс, Петерсонс, Максименко, Черномордијс, Ругинс, Кигурс (Пунцулс 75’), Лаизанс, Камешс (Шабала 84’), Икауниекс, Гутковскис, Улдрикис (Савалниекс 46’). Селектор: Славиша Стојановиќ.
Македонија: Димитриевски, Алиоски, Муслиу, Д. Велкоски, Бејтулаи, Адеми, Барди, Елмас (Радески 88’), Пандев (Николов 75’), Трајковски (Несторовски 65’), Тричковски. Селектор: Игор Ангеловски.
Квалификации за ЕП 2020
Група Ц
С. Ирска – Германија 0:2
Естонија – Холандија 0:4
Табела: Германија 12 бода (5 меча), С. Ирска 12 (5), Холандија 9 (4), Белорусија 3 (5), Естонија 0 (5).
Група Е
Унгарија – Словачка 1:2
Азербејџан – Хрватска 1:1
Табела: Хрватска 10 бода (5 меча), Словачка 9 (5), Унгарија 9 (5), Велс 6 (4), Азербејџан 1 (5).
Група Г
Летонија – Македонија 0:2
Полска – Австрија 0:0
Словенија – Израел 3:2
Табела: Полска 13 бода (6 меча), Словенија 11 (6), Австрија 10 (6), Македонија 8 (6), Израел 8 (6), Летонија 0 (6).
Група И
Шкотска – Белгија 0:4
Русија – Казахстан 1:0
Сан Марино – Кипар 0:4
Табела: Белгија 18 бода (6 меча), Русија 15 (6), Казахстан 7 (6), Кипар 7 (6), Шкотска 6 (6), Сан Марино 0 (6).