„Лудило“ во Финска. Ерупција од воздишки, солзи радосници, развеани знамиња, нацијата е во катарза каква што може да продуцира само најважната споредна работа во светот по децении на разочарувања, засраменост, резултатски понижувања. Земјата од далечниот европски север е во невидена еуфорија на која не остана рамнодушен ниту политичкиот врв. Причина е фудбалската репрезентација, која по 32 неуспешни кампањи за големите турнири, поточно од 1938 година, конечно ќе заигра на Европско првенство. Во случајот на наредното во 2020 година.

Пет и пол милионската Финска која низ годините наназад градеше традиција и имиџ на велесила во зимските спортови (хокеј на мраз, скијање и скијачки скокови), а исфрли и голем број на светски познати и признати рели возачи и атлетичари (фрлачи на копје), досега беше единствена од скандинавската петорка без фудбалски успех. Националниот тим што во 2016 година му беше доверен на Марку Канерва, поранешен дефанзивец на Хонка, на Елфсборг и на Хелсинки и наставник во основно училиште, веднаш ја доби етикетата „златна генерација“ до која не успеаја во минатото ниту Јари Литманен, ниту Сами Хипија.

Нејзина прва и единствена ѕвезда е потентниот напаѓач на премиерлигашот Норич, Тимо Пуки кој со два гола во триумфот (3:0) над Лихтенштајн, вкупно девет во девет меча во циклусот, ги бетонира Финците на второто место во групата Ј во квалификациите за ЕП 2020, зад Италија меѓутоа пред Грција, пред БиХ и пред Ерменија.

„Ох Финска е, ох Финска е, ох Финска, конечно, е на фудбалско првенство“, напиша финскиот премиер, Анти Рине на Твитер.
Финската репрезентација е 34. што ќе учествува на завршните континентални фудбалски турнири како круна на одличната работа под водство на Канерва. Оправданата фаворитска улога против Лихтенштајн и убедливата победа беа вовед во неверојатна глетка на стадионот во Хелсинки. Илјадници гледачи го пробија обезбедувањето и притрчаа во прегратки на фудбалерите кои продолжија со прослава на историскиот успех во соблекувалната за кулминација да биде во еден од ноќните клубови во главниот град.

Навивачите, пак, го окупираат просторот од споменикот Хавис Аманда и фонтаната во близина каде уживаа до долго во белата ноемвриска ноќ. Ниту смрзнувачките температури не пречеа на добар дел од нив да се раскомотат (голи до половина) и со песна, пиво и звуци на сирени да слават незаборавен подвиг како што Финците славеа и во 2011 година кога хокеарите станаа светски шампиони.
„Немам зборови. Ова е лудо. Успеавме. На ред е уживање и прослава на историскиот успех. Добро го натопивме селекторот. Тоа е нешто што вообичаено го правиме и го заслужи тоа. Одлично нè познава. Работеше со добар дел од нас во младата репрезентација и знае како да извади максимумот од нас“, рече Пуки во историската вечер на финскиот фудбал.
Голманот Лукаш Храдецки апелира за прогласување на 15 ноември за националниот празник во Финска.
„Овој датум треба да биде празник во Финска. Тоа е мое лично мислење. Направивме сонот на нацијата да стане стварност. Голем број на луѓе го слават успехот заедно со нас“, истакна 29 годишниот фински репрезентативен чувар на мрежа кој е роден во Братислава.
Финците го слават успехот на фудбалските репрезентативци кои пред само две години беа околу 100. место на ранг листата на ФИФА, на 30 ноември во Букурешт ќе бидат дел од ждрепката за групите на ЕП 2020, а наредното лето со гордост ќе уживаат во планетарната популарност и во очекување на нови радосни моменти од Пуки и компанија.