Екс шефот на тајната полиција, некогашниот страв и трепет, Сашо Мијалков, веројатно отворил ново шампањско по веста дека Апелацискиот суд Скопје ги укина пресудите за предметот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности против него, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими и тројца поранешни членови на Државната изборна комисија од ВМРО-ДПМНЕ. Без оглед што тоа не значи официјален крај, туку случајот се враќа на повторно судење. Неофицијално причината се суштествени повреди на постапката на Основниот кривечен суд. Портпаролот на скопска апелација, Сафет Кадриу, не ја потврди информацијата дека второстепениот суд ја укина првостепената пресуда против екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи. Првиот доби три години затвор, а вториот два месеца повеќе за влијание врз одлука на ДИК.
„Одлуката е донесена, но не е напишана. До крајот на неделава ќе излеземе со официјално соопштение“ рече Кадриу утрово.
Сепак во попладневните часови поради, како што велат, голем интерес на јавноста и многуте различни информации што протекле во тек на денот, Апелациониот суд Скопје го соопшти следното:
„По одржана јавна седница на ден 04.11.2019 година, Апелацискиот суд Скопје, донесе одлука со која ги уважи жалбите на обвинетите, изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. При разгледување на пресудата, констатира дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна. Во таа насока жалбениот совет констатираше дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка“, се наведува во дописот од Апелација во кој се додава дека определените мерки на претпазливот изречени кон обвинетите, остануваат во сила.
Случајот во Основниот Кривичен суд во Скопје го водеше судечки совет на чело со судијата Огнен Ставрев, а во советот беа и судијата Осман Шабани и тројца поротници. Освен Мијалков и Тачи, затворска казна од четири години и шест месеци доби и членот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими додека Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Елизабета Стефановска добија по три години затвор.
Советот не го прифати предлогот за злоупотреба на службената положба да одговараат и петте судии од Управниот суд. Претходно Судскиот совет им го одзеде имунитетот на управните судии Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула, кој ги штитеше од кривична одговорност.
Предметот „Титаник 2“ се однесува на местење резултати на локалните избори во 2013 година. Според „бомбите“ што ги објави опозицијата, Мијалков и Тачи се договарале за гласање во однос на поднесени приговори до ДИК. Според обвинението на СЈО, односно пресудата што ја изрече судијата Огнен Ставрев, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.
За време на судскиот процес во судницата одекнаа „бомбите“ кои тогашната опозиција, а сега власт, започна да ги објавува во 2015 година. Една од бомбите која веќе беше објавена во јавноста, открива разговор меѓу Мијалков и Тачи кој му ветува лојалност „до смрт“. Поранешниот директор на УБК му се јавува на Тачи и бара услуга од него, односно бара ургенција за гласање на седница на ДИК.
„Ало, итна ургенција. Можете ли да гласате за нас за да се усвои приговорот за Струмица, му вели Мијалков на Тачи на што тој одговара „Може, одма!“
Потоа следува втор разговор меѓу Тачи и Бедредин Ибраими, во кој Тачи му вели: „Сега ја имате Струмица, ќе гласате за да се поништи, зошто сме договорени за Чаир”.
По бомбите, во судница се слушна и снимка од одржана седница на ДИК, на која се усвојува приговорот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, по што следуваше прегласување во Струмица.
Судот на барање на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, по соопштување на пресудата за „Титаник 2“, во март годинава им одреди мерка притвор на Мијалков и Ибраими, поради постоење опасност од бегство. За Тачи, Срцев, Стефановска и Сајковски, беше изречена мерка за претпазливост. Против сите беше поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба и овластувања, а против Мијалков беше поднесен обвинителен предлог за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години. Во ваков случај се поднесува обвинителен предлог и се води т.н. скратена постапка.
Бидејќи против Мијалков, кој најпрвин од притвор беше префрлен во куќен притвор, бил поднесен обвинителен предлог и се водела скратена постапка, тој може да биде во притвор најмногу 60 дена. По тој рок тој беше на слобода за овој предмет. До правосилноста на пресудата, Мијалков има обврска еднаш неделно да се јавува во суд, привремено му е одземен пасошот и има забрана за издавање на нов. Судот овој пат беше повнимателен поради бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски, и на неговиот братучед му забранил да ја преминува државната граница со лична карта.
Од „Коалицијата за правично судење“ уредно ги мониторираат сите случаи на СЈО. Од таму за Нова ТВ велат дека присуствувале на жалбената постапка на засегнатите страни во случајот „Титаник 2“, но во моментот не знаат на што конкретно се однесуваат забелешките на Апелацискиот суд во делот на „суштествените повреди на постапката на Основниот кривечен суд“.
„Од Апелација рекоа дека до крајот на неделава ќе излезат со официјално соопштение. Да ги видиме деталите па потоа ќе го кажеме нашиот став во врска со забелешките“, велат од „Коалицијата за правично судење“.
Краток рекапитулар на рочиштата од официјалната интернет страница на „Коалицијата за правично судење“
22.05.2018 година
Воведни говори на обвинетите и нивните бранители.
06.07.2018 година
Започна доказната постапка, при што беа изведени материјални докази од страна на Специјалното јавно обвинителство односно аудио снимки и видео снимка од седница на ДИК.
27.08.2018 година
Сослушани четворица сведоци предложени од СЈО

06.09.2018 година
Претставник на Државното правобранителство даде исказ дека предјавуваат оштетно побарување во износ од 197.574 денари. Рочиштето се одложи поради отсуство на повикан сведок.
01.10.2018 година
Сослушан еден сведок на СЈО и четворица сведоци по предлог на одбраната.
31.10.2018 година
Се утврдуваше листата на докази на одбраната, СЈО приговараше на одредени сведоци дека не треба да се испитаат затоа што биле нерелевантни за ова обвинение.
13.11.2018 година
На рочиштето се утврдуваше натамошниот тек на постапката, односно кои докази ќе бидат изведувани од страна на одбраната и обвинетите.
27.11.2018 година
Рочиштето беше одложено по барање на странките.
03.12.2018 година
Сослушан еден сведок по предлог на одбраната, а потоа беа изведени и материјалните докази на одбраната и обвинетите.
18.12.2018 година
Сослушан еден сведок и еден вештак предложени од одбраната.
24.12.2018 година
Пуштени аудио снимки како дополнителни докази на СЈО
23.10.2019 година
Рочиштето беше одложено поради тоа што вештачењето не е преведено на албански јазик.
29.01.2019 година
Рочиштето е одложено поради отсуство на обвинет.
08.01.2019 година
Со оглед дека доказната постапка заврши, на ова рочиште започнаа да се даваат завршните зборови. Специјалното јавно обвинителство ги изнесе своите завршни зборови.
19.02.2019 година
Одбраната и обвинетите даваа завршни зборови. Рочиштето беше прекинато поради влошена здравствена состојба на една обвинета.
28.02.2019 година
Завршни зборови дадоа тројца бранители и една обвинета. Судот ги извести странките дека пресудата ќе биде објавена на 8 март во 2019 година.