Министерот за здравство Венко Филипче по повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите (3 мај) упати благодарност до новинарите и медиумските работници за нивниот влог во справувањето со борбата со ковид 19.
„Од првиот ден кога, како земја, се соочивме со вирусот кој го промени животот на милиони луѓе ширум светот, бевме уверени дека само точна, навремена и транспарентна комуникација може да придонесе во сузбивање на стравот и паниката кај граѓаните и подигнување на јавната свест. Паралелно со справување со пандемијата, светот се бори и со дезинформации и лажни вести, кои во вакви услови можат да бидат поопасни и од самата пандемија. Од друга страна, точните информации и известувањето базирано на факти се лек за човештвото и единствен начин за добивање на големите битки. Во едно вака комплексно опкружување, вие медиумите и медиумските работници сте повеќе од мост меѓу институциите и јавноста. Вие сте партнер кој рамо до рамо со институциите имате важна улога во справување со кризата. Одговоривте професионално на предизвикот и покажавте дека сте на висина на задачата и за тоа сум ви искрено благодарен“, пишува Филипче во честитката до медиумските работници.
Нагласува дека отворени институции, слобода на медиумите, фер и транспарентно известување е кодексот кој треба да се следи во криза, но и во мирнодобски услови. Само така, вели Филипче, потврдуваме дека сме посветени на демократските вредности и дека водиме грижа за еден од основните столбови на демократијата.