Кина подготвува амбициозен план за тестирање на сите 11 милиони жители на Вухан, град во кој почна да се шири пандемијата на коронавирусот. Најавата на тамошните власти дојде по појавата на шест нови случаи на болеста, први од почетокот на април.
Кон крајот на април, провинцијата Хубеи соопшто дека секојдневно се тестираат 63.000 лица во Вухан, за таа бројка до неделата (10 мај) да падне под 40.000. Според „Хубеи Дејли“, за таа цел во градот постојат повеќе од 60 контролни центри.
„Во некои делови од градот е започнато тестирањето, во некои ќе почне на 17 мај“, се наведува во соопштението на Центарот за контрола на болеста во Вухан.
Во секој кварт е планирано да се заврши со тестирање во рок од 10 дена, но според извештаите на агенцијата „Ројтерс“ тестирањето досега е почнато во само две градски подрачја. Локалните медиуми, пак, јавуваат дека од 14 мај се веќе тестирани 2,7 милиони луѓе во градот, меѓутоа Јанг Жанку, директор за биологија на патогени на Универзитетот во Вухан, за „Глобал Тајмс“ истакна оти верува дека досега се тестирани меѓу три и пет милиони жители во градот.
Властите соопштија дека околу пет милиони лица го напуштиле градот за лунарната Нова година, пред да биде воведен карантин на 23 јануари. Мерката беше на сила до 8 април, но непознато е колку жители оттогаш се вратија во Вухан.