„ВМРО-ДПМНЕ се води исклучиво од партиски интереси во целата оваа ситуација. ВМРО-ДПМНЕ секој ден излегува и вели мора пари за фирмите, мора пари за здравството, системот да функционира во услови на епидемија и други работи. И кога сето ова ќе го направиме затоа што работиме посветено и кога ќе дојдеме до пари, министрите на ВМРО-ДПМНЕ не потпишуваат документи“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска на ТВ 24, алудирајќи на постапката на заменичката министерка за финансии која не го потпишува поволниот заем од Светска Банка наменет за здравството и социјалата.
Во продолжение, Шекеринска направи споредба како ВМРО-ДПМНЕ настапува со обвинувања во јавноста за работи кои ги прават они самите.
„Не знам како не им е непријатно да зборуваат за изборен поткуп од страна на некој друг, па гледавме, чувме, која бомба да ја преслушавме јасно беше кој правел изборен поткуп. Мицкоски вели економијата е на колена, па како да ја исправиме кога не потпишувате? – Или сакате Светска Банка да ги уплати парите на ВМРО ДПМНЕ, па вие да ги распределите? Стварно не се јасни. Или од една страна велат дека ние злоупотребуваме пари, а при тоа не сакаат да не спречат во тоа со избори, туку ни викаат останете уште малку власт“, дополни Шекеринска.
Дека оваа „техничка“ ситуација не е добра за државата потврдува и фактот дека поволен заем од Светската Банка не може да се реализира.
„Тој заем од СБ е за поддршка на здравството и на социјалата, но заменичката министерка за финансии на ВМРО ДПМНЕ не сака да го потпише. И како ќе одиме напред? Дали и ов иднина ни требаат вакви ситуации што ги спречуваат политиките на владата?“- праша Шекеринска.
Два месеца ги слушаме лекарите, ќе ги послушаме и за избори
„Во оваа тешка криза ако имаа граѓаните на што да се потпрат, тоа беа здравствените институции. За прв пат ние имаме огромно мнозинство граѓани кои сметаат дека власта добро се справува со предизвиците, но ние не играме ситна политика, туку си рековме дека ќе ги слушаме лекарите. Ние му дадовме шанса на здравствениот систем и на изненадување на многумина тие успеаја“, истакна Шекеринска.
Таа потврди дека СДСМ нема да предлага избори доколку здравствените работници тоа не го одобрат.
„Тоа што го правевме низ целата криза тоа го правиме и сега. Се консултираме со лекарите. ВМРО-ДПМНЕ сака да почне кампањата на први август, на втори август. Ништо не знаеме што следува на есен. ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции, затоа сакам со име и презиме да се каже кој е тој експерт што ќе каже дека во август нема да имаме вирус. Новиот пик може да се случи од септември. Дали ние сите посакуваме во тој период да се занимаваме со кампања, со избори или да се справуваме со новите предизвици? – Тоа го прават паметните држави“, објасни Шекеринска.