Нова судница во затворот „Идризово“ и реконструкција на затворот во Битола се двата комплетирани проекта преку ИПА 2 програмата на Европската Унија (ЕУ) за поддршка на правосудството во земјата. На отворање на судницата во „Идризово“ присуствуваат министерката за правда, Рената Дескоска во придружба на шефот за соработка во ЕУ Делегацијата, Никола Бертолини и директорот на Управата за извршување санкции при Министерството за правда, Јовица Стојановиќ, се вели во соопштението на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Новиот простор ќе овозможи безбедни и економски услови за одржување судења во затворот „Идризово“. Вкупниот буџет за овој проект изнесува 1,25 милиони евра од кои 975.000 беа обезбедени од ЕУ.
Истиот ден во Битола, шефот на Одделот за економски прашања во Делегацијата на ЕУ, Фрек Јанмат и директорот Стојановиќ го пуштија во употреба реконструираниот затвор во Битола. Со комплетираниот проект се подобруваат условите за живот на осудените и на притворените лица во тамошниот затвор, преку примена на соодветно техничко и просторно подобрување на условите во согласност со стандардите на ЕУ. Вкупниот буџет на овој проект изнесуваше 1,025 милиони евра од кои над 750.000 беа обезбедени од ЕУ.
Беше најавено дека ЕУ, преку проектот „Подобрување на капацитетите на казнено-поправниот систем и надворешните механизми во Северна Македонија“, имплементиран од Советот на Европа, ќе достави и бесконтактни топломери, апарати за дезинфекција на раце, дезинфекциски средства и ракавици на Управата за извршување санкции. Оваа донација ќе помогне во ублажување на заканата од ковид-19 во казнено-поправните домови во земјата, се додава во соопштението на Делегацијата на ЕУ во Скопје.