Покана за заедничка средба со лидерите на парламентарните политички партии на Албанците испрати претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. Доаѓа по одржаните избори, во периодот на преговори за формирање на мнозинство во Собранието и нова влада и замислена е да се одржи на 13 август (четврток) на денот на потпишување на охридскиот Рамковен договор во 2001 година.
За средбата се адресирани покани до лидерите на „Алтернатива“ – Африм Гаши, на „Беса“ – Билал Касами на Беса, на Алијансата на Албанците – Зијадин Села и на Демократската партија на Албанците – Мендух Тачи. Средбата, како што најавија денеска од ДУИ, е планирана во четврток (12 ч.) во хотел „Парк“ во Скопје.
„Се надеваме дека поракава ќе ве најде здрави и добри. Ве молиме да нè информирате околу вашата подготвеност за оваа значајна заедничка средба“, стои во поканата од ДУИ.