По состанокот кој се оддржа во Брисел по пауза од половина година, српската страна обвини дека косовските претставници не ги исполнуваат досега потпишаните договори. Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека единственото за што бил заинтересиран косовскиот премиер е кога официјален Белград ќе го признае Косово како независна држава. Претходно, Вучиќ изјави дека владата во Приштина прави шоу од преговорите и дека тие во суштина не се заинтересирани за дијалог.
„Има три важни вести. Албанската делегација не сака да ги исполни договорите, тие не сакаат да зборуваат за Унијата на српски општини, тие побараа итно и веднаш да го признаеме независно Косово. Од нивна страна има целосно отсуство на реалност, сериозност и одговорност. Албин Курти единствено дојде да праша кога ќе го признаеме Косово. Мојот одговор беше дека никогаш нема да го сториме тоа.“ – изјави Александар Вучиќ претседател на Србија.
Премиерот на Косово, Албин Курти вели дека на состанокот со Вучиќ, предложил Косово и Србија да потпишат декларација за мир и двете земји да ветат дека нема да се напаѓаат едни со други. Меѓудругиото, дал четири предлози, од кои едниот Национален совет за Србите.
„Ќе биде тешко, но јас сум оптимист. Сега имаме искрен пристап кон проблемите и суштината на нашиот конфликт е недостатокот на меѓусебно признавање. Ниту Србија го признава Косово, ниту Косово ја признава србија.Тоа треба да се промени.“ – изјави Албин Курти – Премиер на Косово.