Имаме респект за Македонците, имаат карактер, добар систем на игра и одличен лидер и мора да бидеме внимателни, истакна украинскиот селектор Андриј Шевченко во пресрет на утрешниот натпревар против Македонија во Букурешт (15 ч.) во рамки на второто коло од групата Ц на Европското фудбалско првенство.
– Речиси секогаш играат во формација 5-3-2 и знаат да бидат опасни во контранападите. Не очекуваме никакви подароци на теренот. Играат со карактер и имаат одличен лидер, рече Шевченко на официјалната прес-конференција пред мечот.
И Украина и Македонија ја дочекуваат меѓусебната пресметка на Националната арена во Букурешт со порази во воведните настап на 16-то ЕП. Украинците загубија во Амстердам од Холандија со 2:3, додека „црвено-црните“ од Австрија со 1:3, па оттука утрешниот меч е клучен за обете селекции во желбата да останат конкурентни за место во нокаут фазата на турнирот.
– Одигравме добар меч во Амстердам и малку ни недостасуваше за поволен резултат. Но, пред нас е нов предизвик, се вика Македонија, свесни сме за влогот, знаеме што е наша цел, па затоа не недостасува мотивација. Мечот со Македонија е најважен за нас на ова ЕП и ќе вложиме максимум за освојување на трите бода, истакна Мукола Матвијенко.
Покрај дуелот Македонија – Украина во Букрешт, утре во рамии на групата Ц ќе играат и Холандија – Австрија во Амстердам.