Талибанскиот претставник Анамулах Самангани најави општа амнестија за сите во Авганистан и ги повика жените да се приклучат на нивната влада. Членот на комисијата за култура при Исламскиот емират, име што го користат талибанците за Авганистан, го изјави тоа денеска за државната телевизија, која сега е под нивна контрола.
Исламскиот емират не сака жените да бидат жртви, изјави талибанскиот претставник.
Тој додаде дека структурата на новата влада сè уште не е целосно позната, но врз основа на претходните искуства, треба да има целосно исламско раководство и сите страни да бидат вклучени во неа.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, Малала Јусуфзаи денеска изјави дека е длабоко загрижена за ситуацијата во Авганистан, особено за безбедноста на жените и девојките и ги повика светските лидери да преземат итни мерки.
Таа рече дека американскиот претседател Џо Бајден мора да преземе храбри чекори за да го заштити авганистанскиот народ по победата на талибанците, додавајќи дека се обидува да допре до неколку светски лидери.
Малала, сега 23 -годишна девојка, едвај преживеа, откако пакистански талибански напаѓач ја застрела во главата во 2012 година поради нејзината кампања против забраната за образование на жените.