Пребеганиот претседател на Авганистан, Ашраф Гани украл 169 милиони долари од трезорот, изјави авганистанскиот амбасадор во Таџикистан, Мохамед Зохир Агбар на прес-конференција во Душанбе.
Амбасадорот за претседателот во бегство рече дека е „предавник на државата и на нацијата“ и додаде дека за привремен шеф на Авганистан го признава досегашниот потпретседател Амрулах Салех.
Во склад со Уставот на земјата, во отсуство, бегство или смрт на претседателот, неговата должност ја презема првиот потпретседател, па шеф на државата сега е Амрулах Салех, рече амбасадорот Зохир Агбар.
Тој, исто така, рече дека ќе испрати барање до Интерпол за апсење на Ашраф Гани за да биде изведен пред меѓународен суд на правдата.
Потпретседателот на Авганистан, Амрулах Салех претходно изјави дека за разлика од Гани, тој останал во земјата и дека според Уставот е привремен шеф на државата. Силите под негова контрола ја вратија контролата врз подрачјето Чарикар во покраината Парван, северно од Кабул.
Ситуација во Авганистан се влоши во последните неколку недели по офанзивата на талибанците на големите градови во државата. Тие во неделата ја презедоа контролата врз сите гранични премини, а влегоа и во Кабул и ја зазедоа претседателската палата.
Истовремено, претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата со образложение да „спречи крвопролевање“. Портпаролот на политичката канцеларија на талибанците, Мухамед Наим подоцна објави дека војната во Авганистан е завршена.