Социјалните мрежи „Фејсбук“, „Месинџер“, „Инстаграм“ и „ВатсАп“ се вратија во функција откако речиси шест часа беа недостапни. Платформите на „Фејсбук“ сега се достапни за корисниците, но апликацијата „ВатсАп“ не работи целосно.
– До огромната заедница на луѓе и на бизниси низ целиот свет кои зависат од нас: Жал ни е. Работевме напорно за да го вратиме пристапот до нашите апликации и услуги и со задоволство можеме да ве известиме дека сега се враќаат он – лајн. Ви благодариме што бевте трпеливи со нас, напишаа од „Фејсбук“ на социјалната мрежа „Твитер“.
Шефот на техничкиот оддел на „Фејсбук“, Мајк Шрефер, претходно на „Твитер“ објави дека компанијата има проблеми со вмрежувањето. Корисниците и натаму имаат потешкотии со прикачување видео материјали на „Фејсбук“.
Акциите на „Фејсбук“ паднаа за повеќе од 5 %, а пазарната вредност е срушена за повеќе од 50 милијарди долари, јавуваат светските медиуми. Богатството на основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг за неколку часа падна за речиси 7 милијарди долари, а тој, пак, на ранг листата на најбогати луѓе „падна“ на петто место, пренесе Блумберг.
Светските новински агенции, причината за „падот“ на платформите на „Фејсбук“ ја гледаат во евентуална саботажа или пак системска грешка.
Последен пат „Фејсбук“ не беше во функција во 2019 година.