Јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство – Скопје, Елвин Вели, на денешната јавна седница во Апелацискиот суд предложи да се одбијат сите жалби поднесени од обвинетите против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот познат во јавноста како „Таргет – Тврдина“.
Познато е дека Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година на обвинетите во случајот за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК им изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни.
Според обвинителот Вели, наводите на одбраната во овој случај за доказите се неосновани.
На седницата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство – Скопје го презентираше писмениот предлог со кој се предлага сите изјавени жалби да се одбијат, а по повод жалбата на обвинетиот Сашо Мијалков и по службена должност Апелациониот суд Скопје да ја запре постапката за кривичното дело од член 359 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик поради настапена апсолутна застареност на кривично гонење и следствено на тоа да интервенира во одлуката за казна, додека во останатиот дел пресудата да се потврди.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, од страна на првостепениот суд е казнет со казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.