Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), преку соопштение ги демантира изнесените ставови на прес конференцијата на Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ, на која тој обвини дека надлежните државни органи дозволиле увоз на небезбеден зеленчук со концентрации на пестициди над максимално дозволените концентрации.
„Документите кои ги презентираше Трипуновски не се тајна, напротив, тие се само уште една потврдадека државата си ја врши работата, односно дека контролите се спроведуваат“, вели АХВ во соопштението.
„Како и досега, се додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, вклучително и со зеленчук, се ставаат под официјален надзор. Истите не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на добивање на незадоволителен резултат пратката се поништува, или се наредува враќање на истата во земјата на потекло“, велат од Агенцијата.
Како што додаваат од АХВ, пратките на домати кои се увезуваат од Албанија се под засилен надзор и за секоја се врши лабораториско испитување.
„За сомнителните пратки за кои зборува Трипуновски, со зеленчук со пестициди, впрочем и самиот тој изразува само сомнеж, но не и тврдење, велејќи дека зеленчукот можел да заврши на пазарите во земјава. Го повикуваме, доколку вистински располага со докази за сторен криминал за кој повикува на одговорност и бара оставки, да ги приложи до надлежните институции, а не преку прес конференции да ја заплашува јавноста дека државата ги труе граѓаните со небезбедна храна“, реагираат од АХВ.
Од таму тврдат и дека во однос на резултатот од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина на мостра од домат по потекло од Албанија, кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, се работи за мостри на домати кои не се официјално земени од
надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот.
„За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа резултатот од страна на АХВ се смета за сомнеж. Агенцијата преку инспекторите веќе спроведува дополнителни, засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори кои извршиле увоз од Албанија, со цел утврдување на потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од домашно производство и дали доколку се увезени ја имаат потребната документација која опфаќа и извршени лабораториски анализи“, се вели во соопштението.
Агенцијата за храна и ветеринарство од почетокот на годинава досега, зема и лабораториски тестираше 63 мостри од зеленчук (домати,краставици, пиперки), од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди се само две пратки и тоа една со краставици од Албанија (уништени) и една пратка со пиперки по потекло од Албанија, која се уште се наоѓа под официјален надзор.
Минатата година се земени вкупно 133 мостри од увозен зеленчук (краставици, пиперки, домати и други производи). Потврдени се лабораториски четири позитивни резултати на пестициди и тоа два резултати од домати увоз од Албанија, еден позитивен резултат од јаболка и еден резултат позитивен на пестициди во пратка со компир, увоз од Белгија.
Небезбедните пратки се уништени, а за оние по потекло од Албанија се известени и надлежните државни органи во земјата извозник, за преземање на активности во однос на подобрување безбедноста на производите кои се извезуваат.