Мнозинството граѓани на Северна Македонија или 56 отсто имаат доверба во Европската Унија, покажуваат резултатите од есенското истражување на Евробарометар за 2024 година.
Исто ниво на доверба кон ЕУ како македонските државјани, изразуваат и граѓаните на Босна и Херцеговина. Меѓу останатите земји кандидати за членство, довербата кон ЕУ е најголема во Албанија со 81 отсто, пред Црна Гора со 75, Косово со 70 и Грузија со 58 проценти. Пониска доверба кон ЕУ од македонските државјани изразуваат Молдавците и тоа од 52 отсто, што сепак укажува дека мнозинството граѓани на Молдавија, како и на останатите споменати земји кандидати веруваат во Унијата.
Пониска доверба кон ЕУ од 50 отсто имаат државјаните на Турција и тоа од 42 проценти и граѓаните на Србија од 38 отсто. Сепак, и ова податоци претставуваат пораст на довербата во ЕУ за четири проценти во Турција и за два отсто во Србија споредено со овогодишното пролетно истражување.
Доверба кон ЕУ од 38 проценти изразуваат и жителите на Велика Британија, што претставува пораст за шест отсто.
Речиси три четвртини од испитаниците или 74 проценти од државјаните на земјите членки на ЕУ изјавиле дека се чувствуваат како граѓани на ЕУ, што претставува највисоко ниво во повеќе од две децении, додека 61 отсто од Европејците се оптимисти околу иднината на ЕУ. Линк