На три објекти со важечка лиценца за кабаре, ноќен клуб или дискотека ќе им биде забрането да работат и ќе ја загубат лиценцата затоа што не исполнуваат минимум технички услови за вршење дејност.
Од 22-та вакви објекта за кои вчера беше соопштено дека имаат активни лиценци, инспекцијата кај 12 ги проверувала техничките услови при што е утврдено дека трите објекти не ги исполнуваат. Продолжува теренската контрола на Пазарниот инспекторат за техничката контрола и на останатите десетина објекти кои поседуваат лиценца.
Новите сознанија од терен денеска на прес-конференција ги соопшти владината портпаролка Марија Митева.
Информираше дека веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата за трите објекти, забрана за вршење дејност и, како што рече, „сите казнени одредби кои се возможни согласно закон ќе бидат преземени“.
Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни. Од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека три од нив не исполнуваат минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење дејност. За останатите девет е се уште во тек проверката на документацијата и во текот на денот дополнително ќе информираме, рече Митева.
Посочи дека теренските проверки продолжуваат денеска и утре и ги вршат над десет тима.
На прашање кои се трите објекти кои не работеле прописно, а имале лиценци, одговори дека би сакала да ги каже градовите, а и објектите, но дека во овој момент тоа се информациите со кои располага.
Во врска со информации дека сопственици на вакви објекти интервенираат и отстрануваат инвентари за да се скријат траги дека работеле, портпаролката одговори дека „кружат такви информации и шпекулации“ и оти сите ќе бидат проверени.
На прашање дали во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која од 2023 имала лиценца за работа, биле проверувани техничките услови, што е дел од годишните планови на Пазарниот инспекторат, таа рече дека токму тоа е дел од истрагата и не може да изнесува детали.
Во однос на екипираноста на Државниот пазарен инспекторат и дали има доволно кадар за над десет теренски тимови, портпаролката рече дека во тимовите за контроли учествуваат и стручњаци од други надлежни институции, вклучувајќи го и МВР, искусни градежни работници, од Трудовиот инспекторат, УЈП и Финансиската полиција, како што рече, „сите што може да придонесат во утврдување на условите“.
На прашањето дали ќе се проверуваат работата и условите и за други угостителски објекти, освен за кабареа, ноќни и диско клубови, Митева одговори дека се актуелни тие со лиценци бидејќи „од таму и започна целата ситуација“.