Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа разговарале телефонски, веднаш по брифингот на претседателот во Собата за кризи, изјави официјален претставник на Белата куќа за Асошиетед Прес.
Официјалниот претставник не откри детали за нивниот разговор. Нетанјаху изјави за медиумите во понеделникот дека разговарал со Трамп телефонски речиси секој ден откако започна конфликтот меѓу Израел и Иран минатата недела.
Пред состанокот, тројца американски претставници рекоа дека Трамп сериозно размислува да се приклучи на војната и да започне американски напад врз нуклеарните објекти на Иран, особено врз неговиот подземен објект за збогатување ураниум во Фордоу, пишува „Аксиос“.
Средбата со Собата за кризи траела час и 20 минути.
Самиот Трамп го сигнализираше своето размислување во серија заканувачки објави на Truth Social пред состанокот во Собата за кризи, пренесува „Аксиос“.
„Сега имаме целосна и тотална контрола врз небото над Иран. Иран имаше добри системи за следење на небото и друга одбранбена опрема, и тоа во изобилство, но не може да се спореди со онаа произведена во САД“, напиша Трамп.