Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, врз основа на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година објави Јавни огласи за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, преку доделување на право на купен и вграден инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+ и финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи.
Категории на домаќинства кои можат да аплицираат за доделување на инвертер клима уред се оние чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не надминувал 25.000 денари за едночлено домаќинство, 31.000 денари за домаќинство со два члена, 37.000 денари за домаќинство со три члена и 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена.
Можат да аплицираат и домаќинства во кои единствен приход е пензија, а вкупниот нето месечен доход во 2024 година не го надминал 15.700 денари за едночлено домаќинство, 19.800 денари за домаќинство со два члена и 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена.
Категории на граѓани кои можат да аплицираат за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија се: со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, со потполно слепо лице и со потполно глуво лице
Од министерството наведуваат дека едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство и правото на инвертер клима уред не може да го остварат домаќинства кои во изминатите 5 години користеле субвенција за набавка на клима уред или печка на пелети, како и оние кои имаат приклучок на систем за централно греење.
Потребна документација за доделување на инвертер клима уред е пополнетo барањe (обрасци 1 и 2), изјава заверена на нотар, фотокопија од лична карта на барателот, фотокопија од лични карти за членовите на домаќинството – за полнолетни лица или изводи од матични книги за малолетни лица во домаќинството, извод од матична книга на венчаните, потврда за развод или посмртница и фотокопија од последна сметка за електрична енергија за 2025 година.
За доделување на финансиска поддршка за потрошена електрична енергија потребно е пополнето барање (обрасци 1, 2, 3 и 4), изјава за веродостојност на податоците, заверена на нотар, фотокопија од решение за стекнато право на корисник на посебен додаток, фотокопија од последна сметка за електрична енергија за 2024 година, фотокопија од лична карта на барателот и фотокопија од лични карти за членовите на домаќинството – за полнолетни лица или изводи од матични книги за малолетни лица во домаќинството, извод од матична книга на венчаните, потврда за развод или посмртница.
Обрасците и изјавата се достапни на веб-страницата на Министерството, во делот Јавни огласи. Документацијата се доставува по пошта или лично.
За доделување на инвертер клима уред рокот за аплицирање е 60 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до 5 октомври 2025 година, а за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија – рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до крајот на август 2025 година.