Поранешниот премиер Никола Груевски во наредниот период ќе биде повикан да даде исказ пред судија на претходна постапка како осомничен во случајот што го отвори Специјалното јавно обвинителство со име ТНТ. Специјалното обвинителство за Груевски бара судот да му определи мерки за претпазливост, а тоа значи-да му се одземе пасошот, да има обврска се јавува во Судот или да му се одреди мерка домашен притвор.
Инаку, денеска СЈО излезе со соопштение во кое потврди дека сите предлози за притвор и мерки за претпазливост се доставени и распоредени кај судии на преходна постапка.
Освен за Груевски, се бараат мерки за претпазливост и за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, а притвор бараат да им се определи на градоначалникот на Битола, Владимир Талески и за началникот на Петтата управа, Горан Грујовски.
Од случаите кои се под надлежност на Специјалното јавно обвинителство, единствено за случајот „Пуч“ во којшто е обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, почна судски процес којшто беше запрен со донесувањето на одлуката за аболиција.
Сега СЈО бара Апелациониот суд да го укине решението на Основниот суд Скопје 1 за да продолжи кривичната постапка за овој предмет.
Продолжува и првиот случај што го отвори Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, за злоупотреба на изборите во којшто се осомничени се поранешните министри Јанкулоска и Јанакиески.
Иако СЈО бараше притвор за нив, Судијата на претходна постпака не им одреди мерки за обезбедување на осомничените.
Обвинителствотопак бара мерки за претпазливост и против шестмината осомничени во случајот „Тортура“, односно за нечовечкото постапување при апсењето на поранешниот Министер за внатрешни работи и лидер на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошкоски.
За првоосомничениот во овој случај, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков нема барање за притвор исто како и претходно, бидејќи Обвинителството смета дека не постои опасност од бегство и нему не му беше одземена ниту патната исправа.