Според претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, Специјалното јавно обвинителство во недостиг на време за квалитетни истраги – потрфлило, ја гонело само владејачката ВМРО-ДПМНЕ и предизвикало тензии во општеството со ризик за меѓуграѓански конфликт.
– СЈО е инстистуција од која се очекуваше да ја реши политиката криза, наместо инструмент за правда испадна дека е инструмент за уцена. Селективниот прогон создаде мачна атмосфера во општеството. Наместо Специјално обвинителство добивме селективно обвинителство. Денес единствениот амнестиран политичар е Зоран Заев, посочи во својот говор претседателот на земјата.
Обвинувањата кон него со донесувањето на аболицијата, вели тој, биле упатени на погрешна адреса, а лидерите на СДСМ и ДУИ ја нарушиле правната држава со тоа што наместо да седнат и да се договорат со сите инволвирани, “трчале“ по амбасадорите на земјите од странство.
Според Иванов, кој вели бил известен од разузнавачки извори, ниту протестите на Шарената револуција не произлегле поради неговите политички решенија туку тие однапред биле испланирани и подготвени, а аболицијата која тој ја донесе само ги забрзала.
Претседателот Иванов во денешното обраќање до јавноста потенцираше и дека дека се што пратениците кажале во Собранието за време на расправата за негов импичмент, ќе останело запишано како сведоштво за односот на пратениците кон сопствената држава и кон сопствените институции.
– Врз основа на тоа сведоштво, идните поколенија ќе знаат низ што се минувала демократијата во Македонија и како оваа генерација политичари ја разбирале и практикувале политиката, напомена Иванов.