Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против полицаец кој на 19 октомври е фатен на лице место како прима поткуп од возач за сторен сообраќаен прекршок. Како што соопштија од прес службата на Јавното обвинителство на чие чело е Марко Зврлевски, полицаецот во ноќта меѓу 15 и 16 октомври вршел рутинска контрола на преглед на возила во Скопје, при што го сопрел возилото на оштетеното лице и му констатирал три сообраќајни прекршока.
„Полицаецот го известил возачот дека за сторените прекршоци му следи казна во висина од 1000 евра, но дека доколку му даде 3000 денари, нема да му биде напишана казната. Возачот изјавил дека во моментов нема пари, но е согласен да му даде поткуп на полицаецот. Се договориле паричните средства оштетениот да ги остави во една од блиските продавници, каде ќе каже дека тие се за полицаецот. При тоа, службеното лице му зело генералии на возачот и телефонски број на кој во следните денови неколку пати го контактирал“, пишува во соопштението од обвинителството.
Оштетениот го пријавил полицаецот и во организирана акција, на 19 октомври осомничениот е фатен на лице место како го зема поткупот. Извршен е претрес на приватното возило на осомничениот каде се најдени податоци за стотина граѓани, адреси и контакт телефони. Најдените докази, според обвинителството, укажуваат дека осомничениот на ист начин ги обработувал и преземал коруптивни дејствија кон поголем број на граѓани.
Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје предложи изрекување на мерка – Притвор за осомниченото лице, кој предлог со Решение на судот беше потврден со изречена мерка од триесет дневен притвор.
На почетокот на месецов Хелсиншкиот комитет објави критичен извештај за судовите во однос на начинот на кој се определува мерката притвор. Тие заклучија дека судовите спроведуваат селективна правда во однос на одредување на мерката притвор, бидејќи во другите случаи, околу 100 лица, или се неправедно притворени или неоправдано им е продолжена мерката притвор. Повод за овој извештај беше односот кон барања за притвор на СЈО кои редовно се одбиваат, додека за случаи во кои кривичните дела се мали, а не постојат опасности по бегство граѓаните се праќаат во притвор речиси без исклучок.
Претседателот на Кривичниот суд кој го води Владимир Панчевски денеска треба да одлучува по барањата на СЈО за најновите случаи „Топлик“ и „Тендери“ во коишто се осомничени министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска и поранешниот министер и извршен член ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески. Тие од судот не бараат притвор, туку мерки за претпазливост. Досега Судот ги одбиваше речиси сите барања за притвор и превентивни мерки кои ги побара Специјалното јавно обвинителство и тоа за обвинети за тешки кривични дела и злоупотреба на милиони евра државни пари.