Недоразбирања на релација Македонска кошаркарска федерацја (МКФ) – Здружение на прволигаши кулминираат со иницијатива за свикување на Вонредно Собрание. Потпишана е од 12 клуба и доставена до организацијата на чие чело е Петар Наумоски од април лани. Тој, пак, како претседател, според Статутот, е должен во рок од 14 дена да го свика највискиот орган. Во спротивно, клубовите сами ќе организираат седница. Познати се и точките на дневниот ред, но една од нив сигурно ќе се однесува на гласање за доверба на Наумоски и избор на негов наследник.
Причини за недоразбирањата меѓу раководство на МКФ и клубовите има неколку. Најголема е околу сумата за регистрација на странски кошаркари, потоа за враќање на лигата под капа на Здружението на прволигаши, за комесар, итн. Но, различностите во врската со лиценците за странци се чини е ненадминлив проблем. Наумоски е цврст на ставот за зголемување на таксата што ја образложи со заштита на домашниот производ, за клубовите, пак, тоа е крајно неприфатливо по што следуваше и бојкот на домашниот шампионат во кој се уште не е почната сезоната.
Зад иницијативата за свикување на Вонредно Собрание застанаа осум прволигаши во машка конкуренција. Тоа се МЗТ Скопје, Работнички, Карпош Соколи, Кожуф, Фени Индусттри, Куманово, Струмица и Пелистер. Кон нив се придружија и три женски клуба (Бадел 1862, Клубски Делчево и МНА од Кавадарци) и второлигашот Радовиш.
Претседателски кандидат на клубовите, како што неофицијално се споменува, ќе биде Бобан Јосифовски, човек кој пред две години беше сменет од функцијата од луѓето што сега го предлагаат. Истото важи и за Петар Наумоски. Лицата што работеа на негово инсталирање во МФК на местото на Даниел Димевски и застанаа во поддршка, сега поведуваат иницијатива за негова смена.