Горан Пандев ќе биде дел од фудбалската репрезентација на Македонија во натпреварот со Шпанија, во сабота во Гранада, во квалификациите за СП 2018. Ова го порача лично селекторот Игор Ангеловски по денешниот тренинг што наместо на тренинг комплексот „Петар Милошевски“ беше одработен на „Телеком арена“.
„Пандев доби мала поштеда на вчерашниот тренинг, но капитенот е во ред и ќе биде подготвен за средбата во сабота“, рече Ангеловски.
Селекторот изрази пофалби за фудбалерите за нивниот пристап на подготовките и тренинзите и задоволство од реализацијата на досега сработеното. Сè уште е рано да се говори за тимот и засега сите подеднакво конкурираат за место и во почетните единаесет и воопшто во официјалниот записник. Таквата ситуација може да ја наруши само повреда за што во стручниот штаб се надеваат дека нема да се случи.
„На сите нѝ е добро позната каква селекција е Шпанија. Имаат континуитет, играат препознатливо, компактна целина се и знаат да бидат многу агресивни. Нашето издание ќе ттреба да биде на уште повисоко ниво од она против Италија“, коментира предводникот на националниот тим.
Хулен Лопатеги во главоболки, го губи и напаѓачот на Челзи
Шпанскиот селектор Хулен Лопатеги се соочува со главоболки пред дуелот со Македонија. „Фурија“ не е селекција што треба да стравува за конечниот исход ниту ја губи улогата на фаворити во сабота во Гранада. Но, не е сè исто за домашниот селектор по сознанието дека можеби ќе мора без Диего Коста. На напаѓачот на Челзи, според некои медиуми во Шпанија, му е сугерирано мирување поради повреда на ногата (голем хематом на препоните) и неизвесен е како против Македонија, така и за пријателскиот дуел против Англија на „Вембли“ на 15 ноември.
Весникот „Ел Конфеденсијал“ пишува дека на Бразилецот со шпански пасош ќе му биде одобрено враќање во Лондон на третмани за санирање на незгодата. Коста, се наведува притоа, повреден и пристигнал на подготовките на Шпанија, повреда што ја добил во натпреварот со Евертон во Премиерлигата минатиот викенд.
Од претходно беше познато дека против Македонија нема да играат ниту стоперите на Реал Мадрид и на Барселона, Рамос и Пике и играчот од средниот ред на Каталонците, Иниеста.