Заканите се наше секојдневие, рече денеска на прес конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев за заканите кои ги добивале сведоците кои му ги дале снимките од прислушуваните разговори.
„Еве вака нешто што е актуелно долг период, заканите во Македонија се наше секојдневие и не е нешто ново. Она што јас го заклучив од она што е присутно во медиумите, разговорот со некој сведок на било која независна институција, посебно независната СЈО предизвика дополнителни притисоци од власта не само врз сведоците најверојатно и врз обвинителите и врз истражителите во СЈО. Не навлегувам во деталите, заради тоа што тоа е работа на независна институција којашто е формирана, но секако го осудувам заканувањето од било кој во Македонија врз било кого без разлика дали е тоа сведок, дали е тоа обичен граѓанин, дали е работник, дали е бизнисмен. Ние во 1991 година одлучивме да градиме демократско општество каде што слободите ќе бидат апсолутно апсолвирани во нашиот прагматизам секојдневно живеејќи го животот во Македонија“, рече Заев на денешната прес-конференција.
Заев во интервју за неделникот „Фокус“ изјавил дека СЈО има докази за да ја обелодени вистината за прислушувањето пред изборите, обвинителството ги знае и сведоците кои му ги дале снимките, но открива дека власта ги пронашла, им се заканува и ги уценува.