Судењето за случајот на Специјалното јавно обвинителство, за насилството во Општина Центар во кој обвинети се М.Ј. и Н.Г. , двајцата поранешни функционери, ќе биде одложено затоа што адвокатот Никола Додевски организирал работилница за Имплементација за Законот за одмерување на казни.
Како што информираат од судот, рочиштето е закажано за 16.12.2016 година.
„Адвокатското друштво Никола Додевски со писмен поднесок го извести Основниот суд Скопје 1 – Скопје дека адвокатот Никола Додевски бранител на М.Ј., второ обвинет во предметот со К.бр 1904/16 во врска со настаните пред Општина Центар, за кој главната расправа е закажана за 21.11.2016 год. е спречен да присуствува на закажаната главна расправа бидејќи истиот е организатор и ќе учествува на дводневна работилница за Имплементација за Законот за одмерување на казни, организирана од Адвокатската комора на Р.М., Амбасадата на Соединетите Американски држави во Скопје и Бирото за меѓународна борба против наркотиците и спроведување на законите, кој настан бил закажан пред да ја добие поканата за закажаната главната расправа“, пишува во соопштението од судот.
Од судот велат дека за закажаната главна расправа, преку соопштение на веб страната на судот, јавноста ја информирала уште на 29.09.2016 година.
„Со оглед на настаните и со оглед на поднесокот на адвокатот Додевски, а имајќи ги предвид одредбите од член 351 ст.2 и 3 од ЗКП како и фактот дека за седмо и десетто обвинетиот, од 14 обвинети опфатени во предметот, се уште не е добиена повратница дека го примиле обвинителниот предлог и поканата, судечкиот судија кај кој беше распореден предметот, по службена должност, а со оглед на распоредот на претходно закажани расправи за други предмети, ја презакажа главната расправа за 16.12.2016 година, за што ги извести странките“, се вели во соопштението од судот.
Инаку во овој случај обвинетите сакале да ја саботираат седницата на Советот на општината Центар, на која на дневен ред се наоѓаше точката за изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
На прес конференцијата кога обвинителката Фатиме Фетаи го презентираше случајот, таа рече дека првообвинетиот во месец јуни побарал, а второобвинетиот прифатил и преку трето, четврто и петтообвинетиот ги поттикнале членовите на партијата да извршат грубо насилство врз градоначалникот на Општина Центар и советниците во Општината од спротивниот политички табор – рече Фетаи, додавајќи дека мотивите за ова кај првообвинетиот се од лукративна природа, заради заштита на бизнис-интересите.