Енди Мареј е победник на завршниот АТП Мастерс во сезоната. Британецот во финалето во Лондон, каде пред четири годни се закити и со олимписко злато, го совлада Новак Ѓоковиќ со 2:0 (по сетови: 6:3, 6:4) за 11 победа во 35 меѓусебен дуел за што вечерва му беа потребни 104 минути. Решавачки во првиот сет се покажа брејкот во осмиот гем со кој миленикот на публиката во „О2 арена“ поведе со 5:3. Во наредниот го искористи сопствениот прв сервис за водство од 1:0.
Британскиот тенисер уште на стартот на вториот сет освои нов гем на сервис на Ѓоковиќ и го трасираше патот до најголемиот успех во кариерата. При водство со 3:1 направи уште еден, а се што успеа да стори српскиот ас до крајот е поништување на само еден од двата брејка за конечни 6:4.
За Мареј ова е прва турнирска победа во конкуренција на осумте најдобри тенисери до која стигна по 24 добиени меча во низа. Британецот ја одбрани лидерската позиција на АТП листата и за првпат во кариерата завршува година како најдобар светски тенисер.
Вкупниот награден фонд на турнирот изнесуваше 7,5 милиони американски долари од кои 2,3 милиона му припадна на Мареј.
АТП Мастерс – Лондон
Финале: Мареј (1., В. Британија) – Ѓоковиќ (2., Србија) 6:3, 6:4