Наполи, според пишувања на италијанските медиуми, е подготвен да плати 40 милиони евра за Андреа Белоти (22), еден од тројцата водечки стрелци во Серија А во моментот со Един Џеко и Мауро Икарди. На „Сан Паоло“ сакаат што поскоро да најдат соодветно решение во нападот за повредениот Аркадиуш Милик и по најавите за заминување на Маноло Габијадини во Валенсија. Прв пик притоа е напаѓачот на Торино и на репрезентацијата на Италија иако интерес има и за Илија Несторовски од Палермо.
Во Торино, пак, не сакаат туку-така да се разделат со талентираниот напаѓач. Се споменува дека клубот на чија клупа Синиша Михајловиќ веќе подготвил нов договор за својот фудбалер со откупна клаузула од 90 милиони евра. Токму сумата би можела да биде главната пречка за реализација на трансферот во зимскиот преоден рок, момент што би можел да оди во прилог на македонскиот репрезентативец во екипата од Сицилија кој има три гола помалку од Белоти.