Барселона и Реал Мадрид одиграа без победник (1:1) во најновото „Ел Класико“ на „Камп Ноу“. Двата гола попладнево беа постигнати во второто полувреме, Суарез обезбеди предност за Каталонците во 53 минута, а спасител на „кралевите“ беше Серхио Рамос. Централниот дефанзивец погоди во 90 минута по нафрлување од Лука Модриќ и го остави составот на Зинедин Зидан со плус шест бода на табелата во однос на најголемиот ривал во шпанската Примера предводен од Луис Енрике.
Првиот дел од најисчекуваната фудбалска пресметка беше под очекувањата и, речиси, да не исфрли на површина момент за одбележување освен високото темпо на игра. Во второто сликата на теренот се смени. Падна брз гол по одморот и дербито се отвори. Шанса подоцна имаше и Меси по асистенција на Иниеста, но Аргентинецот, наизглед, како да го изненади укажаната прилика и промаши цел гол.
Како одминуваше времето, „кралевите“ дополнително го дигаа темпото, создадоа неколку прилики што, сепак, ги имаше и на спротивната страна, но резултатот остана непроменет до самиот финиш на средбата. А, во него шок за домашните навивачите на „Камп Ноу“. Гостите добија прекршок по левата страна што беше одлична прилика за уфрлување во шеснаесетникот. И ја искористија. Модриќ „го погоди“ во глава Рамос за избегнување на пораз на Реал во последен момент.