Петар Наумоски останува на чело на Македонската кошаркарска федерација. Актуелниот претседател на денешното вонредно собрание ја доби потребната поддршка и натаму да ја води МКФ.
„Од вкупно 28 гласови на собранието, 18 се за, а десет се против. Прашањето беше дали искажувате доверба на претседателот, така што Петар Наумоски останува на чело на федерацијата“ – изјави претставникот на Верификациската Комисија.
Гласањето за доверба на Наумоски беше единствената точка на дневен ред, а по претходно барање на неколку клубови, незадоволни од неговото раководење. На изборот му претходеше жестока дискусија околу начинот на гласање, при што Наумоски инсистираше истото да биде тајно, и покрај барањата на неговата опозиција гласовите да се даваат јавно.
Претставникот на Агенцијата за Млади и Спорт исто така посочи дека согласно актите на федерацијата, нејзиниот Статут и Деловникот за Работа на Собранието, гласањето за доверба во претседателот треба да биде јавно, но Наумоски го одби и неговото барање, само заблагодарувајќи му се на присуството, потенцирајќи дека одлуката сепак ја носи претседателството.
Досегашни претседатели на МКФ биле Благоја Самакоски, Зоре Темелковски, Јордан Камчев, Горан Рафајловски, Леонид Гајдаџиев, Драгољуб Арсовски, Даниел Димевски и Наумоски.