Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) и Светската (ФИФА) би можеле да ги преиспитаат своите одлуки за членство на Косово. Ова, како стравување, го потврди претседателот на косовскиот фудбалски сојуз, Фадил Вокри. Како образложение притоа наведе инфраструктурни недостатоци и, пред се, одложување со изградбата на стадион во Приштина.
„Не е притисок врз властите туку е чиста реалност. Доколку ваквата ситуација продолжи, не гледам поинаков исход“, изјави Вокри на приштинскиот портал „Калцио“, откако челните луѓе на УЕФА го одбија планот вреден 3,8 милиони евра за реновирање на стадионот во Приштина.
Репрезентацијата на Косово своите мечеви како домаќин во квалификациите за Светското првенство во 2018 година ги игра во Албанија. Земјата, во мај во 2016 година, беше примена во УЕФА, а потоа и во ФИФА, моменти што беа прославени со еуфорија и огномет во Приштина. Приемот на Косово го одобрија 85 отсто од делегатите кои со 141 глас „за“ и 23 „против“ ја поздравија 210 членка на ФИФА.