Албанската полициска управа го одби барањето на опозициската Демократска партија за одржување на протест на 5 март во 9 часот. Во одговорот се образложуваат и причините за таквиот став како насилството врз членовите на Парламентот, насилството врз полициските службеници со употреба на тврди предмети, повици за насилство, итн.
„Вашето барање за протест пред Парламентот ја загрозува безбедноста на институцијата од посебно значење како што е албанскиот законодавен дом, го попречува влезот на пратениците, администрацијата и на другите вработени, го загрозува нивниот живот и го попречува реализирањето на предвидените работи во 10 часот на овој датум. Затоа не се дозволува одржување протест на местото што го побаравте“, стои во полицискиот одговор до опозицијата.
Полицијата и препорача на опозицијата да одржи мирен протест на друго место и предупредува дека одговорноста ќе падне на организаторите во случај на непочитување на оваа одлука. Обединетата албанска опозиција најави протест пред законодавниот дом, откако беше закажана пленарна седница на 5 март во 10 часот.