Доколку се одржат парламентарни избори социјалдемократите би ја задржале власта. За СДСМ би гласале 22,9 отсто, а поддршката за ВМРО-ДПМНЕ изнесува 19,6 отсто, покажува истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ), спроведено во периодот меѓу 26 февруари и 5 март, пред да се донесе одлуката за одложување на изборите закажани за 11 април.

Поддршката за ДУИ, според анкетата, изнесува 7,2 отсто, на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива – 5,8, на Движењето БЕСА – 1,7 отсто, колку што има и Левица. Забележливо е, според сондажата, дека опозицијата и натаму нема никаква поддршка од албанскиот електорат. Во тој контекст СДСМ има поддршка од четири отсто, а на ВМРО-ДПМНЕ таа е на ниво на статистичка грешка од 0,3 отсто.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, има наклонетост од 44 отсто од граѓаните. За разлика од него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има само 25 отсто. Повисок е процентот и на граѓани, 48 отсто, кои ја одобруваат работата на Заев како премиер (45 отсто не ја одобруваат).

СДСМ треба да добие втора шанса

Со оглед на се, покажува анкетата СДСМ треба да добие втора шанса – 43 отсто се согласуваат или донекаде се согласуваат со тоа (33 отсто размислуваат спротивно). Согласноста со политиките на опозицијата е далеку помала и изнесува 29 отсто. Високи 47 отсто сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да победи на парламентарните избори.

Работата на пратениците на СДСМ, исто така, е оценета далеку подобро. Нивната работа ја одобруваат 45 отсто од испитаниците, за разлика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ чија работа ја одобруваат 27 отсто, а не ја одобруваат високи 68 отсто.

Пробивот на меѓународен план, гласачите преку анкетата на НДИ, го поврзуваат со СДСМ. Речиси 43 отсто одговориле дека ЕУ и НАТО се врзуваат со СДСМ, а само 14 со ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на борбата против корупција, 21 отсто сметаат дека СДСМ е посветена кон оваа рак рана на општеството, додека за ВМРО-ДПМНЕ тој процент е 14,27. На последното прашање во сетот прашања за изборите, 27 отсто рекле дека му веруваат на СДСМ, а 19 на ВМРО-ДПМНЕ.

Позитивниот скор што го бележи Заев во анкетата се должи и на меѓународните политики. Имено високи, над 80 отсто од граѓаните веруваат во ЕУ и во НАТО. А, исто така, огромен број гласачи веруваат дека државата има капацитет да преговара за влез во Европската Унија.

На прашањето, размислувајќи за изминатите три години, од 2017 година наваму, дали сметате дека животот на луѓето во нашата земја се подобрил 32,5 отсто одговориле потврдно, додека за 42 отсто тој останал непроменет, а за 24 отсто се влошил.

Како главна причина за подобрување на состојбата е наведено зголемувањето на минимална плата и пензија (16,6 отсто), подобрување на економијата (6,7 отсто), интеграции во ЕУ и НАТО (4,7 отсто), отворање на работни места и намалување на невработеноста 4,4 отсто, промена на власта 3,2 отсто, итн.

Главна причина, пак, за влошената состојба е наведена лошата економија (20 отсто), судство, владеење на право (15 отсто), иселување и зголемување на невработеност (7 отсто).

Прилично висок е процентот од 40 отсто кои сметаат дека сите партии се исти и одговараат дека „безначајно е да го дадам мојот глас на било која партија“. Половина, пак, од испитаниците сметаат дека ниту една политичка партија нема капацитет да ги спроведе неопходните реформи во земјата.

Незадоволство од реформите

При тоа постои и незадоволство од спроведените реформи. Во однос на владеењето на правото, 65 отсто се незадоволни од реформите, а речиси двојно помалку се задоволни. Од реформите за намалување на корупција незадоволни се 76 отсто, а 26 се задоволни. Кај слободата на изразување ситуацијата е обратна – 64 отсто се задоволни, 30 незадоволни.

И натаму е висок процентот на луѓето кои сметаат дека немаат сите еднаков третман при судските процедури (62 отсто), за разлика од 20 проценти кои сметаат спротивно. Судовите во земјата, според 64 отсто од испитаниците ненавремено и на неефикасен начин ги решаваат предметите поврзани со организиран криминал и корупција. Околу новиот закон за Јавно обвинителство и предметите на СЈО поделено е мислењето – 34 отсто сметаат дека тој ќе обезбеди доволно гаранции дека случаите од СЈО ќе добијат завршница, 32 отсто не веруваат во тоа.

Во однос на довербата на граѓаните во институциите предничи шефот на државата со 33 отсто, Владата (не техничката) 25 отсто, колку што имаат и медиумите, Собранието 21 отсто, политички партии 21, Антикорупциска 18, Јавно обвинителство 16 отсто.

Најголемиот проблем со кој се соочува земјата денес е економијата (27 отсто), кој секако е поврзан со личниот стандард (8,4 отсто), потоа криминалот и корупцијата (24,3 отсто), владеење на правото, судство, правда (15,4 отсто), човекови права и слобода – 4,5, интеграција во ЕУ – 2,7 и на крајот се меѓуетнички односи само 0,9 отсто. Здравството, кое е најактуелно овој период, како проблем го посочиле 2,6 отсто од испитаниците.

Поделено мислењето за законот за ЈО и предметите на СЈО

Во 2018 година Македонија и Грција потпишаа договор, кој ни ги отвори вратите на НАТО и ЕУ. Поголемиот дел од граѓаните се запознати со содржината – поточно 22,4 отсто рекле дека се запознати, а 45,5 отсто дека донекаде се запознати со содржината. Воопшто не се запознати 11 отсто, а донекаде се незапознати 17 отсто. Речиси ист е бројот на оние кои се против (32 отсто) и „за“ договорот (31 отсто). Третата група испитаници или 26 отсто од нив кажале дека договорот не им се допаѓа, но дека бил неопходен.

Поголем е притоа бројот на граѓани кои сметаат дека и да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт нема да се ревидира договорот (34 отсто), додека 29 отсто веруваат во тоа.