Четири министерки ќе брои новата влада на мандатарот Зоран Заев за која денеска ќе расправа новиот парламентарен состав, а која треба да биде изгласана најдоцна до утре на полноќ. Процентуално тоа е околу 21 отсто, што секако не е задоволителна бројка, со оглед на тоа што жените се, речиси, 50 отсто од популацијата во Северна Македонија, но и на светско ниво.

Квоти за министерки и за градоначалнички во законските прописи нема. Квотите кои низ годините од осамостојувањето беа воведени, овозможија законска 40 процентна застапеност на жените во Парламентот и на локално ниво во советите, а има иницијативи такви квоти да се воведат и за Владата и за градоначалничките позиции.

Даниела Антоновска, експертка по родова рамноправност, магистер по родови студии со 18-годишно работно искуство во оваа областа во домашни и меѓународни невладини организации, во интервју за МИА говори за застапеноста на жените во политичките процеси.

„Освен Шекеринска која што, нели, е во секторот одбрана, останатите се поставени во тие т.н. социјално-културни категории и напоменавте дека од 19 министри сега имаме четири министерки што би било некаде 21 процент. Мислам дека неодамна имаше некоја реакција од женските невладини организации кои апелираа до мандатарот за состав на новата влада, Заев барем 30 проценти од жените да бидат застапени во новата влада. Меѓутоа ова укажува дека, нели, овој процент што го имаме сега е помал процент“, вели Антоновска во интервјуто за МИА.

Четири жени министерки е ситуација, која според Антоновска, покажува дека навистина ни треба родова квота, дека ние без квотите немаме напредок, немаме вклучување на жените во политиката на кое било ниво.

За разлика од извршната власт, овој парламетарен состав се приближува до законската квота од 40 отсто. Четириесет и три жени добија мандати наспроти 77 мажи во новиот парламентарен состав, со можност за уште еден или два мандата во прилог на пратеничките со верификацијата на следните на листата на местото на оние кои заминаа на министерските позиции. Тоа би било околу 35,8 проценти на жени пратенички во новиот парламентарен состав.

Споредбено со претходниот пратенички состав, вели Антоновска, имаме тенденција на покачување на бројката на жени. Во претходниот состав, додава таа, жените биле застапени со 31,7 проценти и тоа, секако, се должи на родовите квоти што се како афирмативни мерки усвоени во нашата држава. Се надева дека наскоро ќе има поместувања во насока на 50 процентна застапеност, што беше и една од заложбите на коалицијата „Можеме“ во предизборната кампања.

Антоновска говори споредбено за состојбата со женската застапеност во политичките процеси во Европа, но и во светски рамки и за изложеноста на жените кои се носители на високи политички и општетсвени функции на дискредитација по сексуална основа.

„Значи сè уште на жената се гледа како општествено инфериорна, сè уште се гледа како подредена и сè уште е присутна таа сексуална објективизација на жената. Понекогаш, за жал, мора да кажам дури и од самите жени постои една самообјективизација. И, исто така, кај жените на јавни функции е многу поголем товарот што самата таа функција значи и го носи со себе за разлика од мажите. Така што, како општество ние сме генерално сè уште заглавени во некој патријархален и традиционален ментален склоп и сè уште сметаме дека најголем дел од работата на жената е значи дома, да се грижи за своите, за децата и за постарите членови од фамилијата, вели Антоновска, која била членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати и алумна е на родовите и феминистичките студии на Евро-Балкан институт и алумна на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“. Авторка е на две книги, повеќе истражувања, анализи и текстови на македонски и англиски јазик.

Процентот на пратенички во светот, во изминатиот период, бележи пораст. Каква е состојбата кај нас, ете сега сме со нов парламентарен, имаме 43 жени кои освоија пратенички мандати, наспроти 77 мажи. Каква тенденција бележиме во Македонија?

– Како што рековте, на неодамнешните парламентарни избори во државата беа одбрани 43 жени, но сега со верификацијата на мандатите на новите пратеници, мислам дека ќе има уште една, можеби две. Ако кажеме, еве да се држиме до една фиксна бројка од 43, тоа значи дека ќе имаме 35,8 проценти на жени пратенички во новиот парламентарен состав. Споредбено со претходниот пратенички состав, имаме една тенденција на покачување на бројката на жени. Во претходниот состав беа 31,7 проценти и тоа, секако, се должи на родовите квоти што се како афирмативни мерки усвоени во нашата држава. Меѓутоа, исто така, нели почнуваме како држава веќе да го следиме и тој европски тренд, да речам, бидејќи веќе и во голем број европски држави имаме тенденција на пораст на жените во националните парламенти и во Европскиот парламент исто така.

Од четири отсто застапенот во првиот парламентарен состав по независноста, денеска со неколкуте интервенции во законските прописи, стигнавме до 40 отсто законска застапеност. Дали тие 40 отсто се доволни? 

Во Изборниот закон од 2015 година е усвоена квота од 40 проценти, меѓутоа минатата и предминатата година од Клубот на жени пратенички, неформално тело формирано во 2003 година и ги обединува пратеничките од сите политички партии во Парламентот, имаше иницијатива за усвојување на квота од 50 отсто. Се надевам дека наскоро ќе има некое поместување во тој поглед, бидејќи жените претставуваат речиси пола од популацијата кај нас и во светот, па зошто не би биле и 50 отсто во Собранието. Сметам дека без родова квота ние воопшто не би биле, би ги немале овие проценти и бројки што ги имаме денеска. Започнавме со четири проценти на првите парламентарни избори, на вторите парламентарни избори имавме намалување на 3,2  проценти, а веќе во 2002 година се усвои квотата од 30 проценти и оттогаш постојано се движиме некаде околу 30 проценти, 32 проценти. Така што сметам дека ова е, сепак, напредок, меѓутоа треба уште да работиме на тоа поле и да ги следиме трендовите во западноевропските земји и, пред сè, нордиските земји кои предничат во поглед на застапеноста на жените во нивните национални парламенти.

Најмногу пратенички процентуално имаат земји како Руанда, Боливија, Куба. Процентот во Европскиот парламент е 39,5, што е значително зголемување од првите избори за пратеници во ЕП на кои биле избрани само 15,5 отсто жени. Познавач сте на светските политики по ова прашање зошто земји како Руанда, Боливија и Куба имаат поголем сензибилиет по ова прашање?

Претходниот состав на ЕП имаше, мислам, 36 отсто жени и сега по последните парламентарни избори има речиси 40 отсто жени со мандат до 2024 година. Не сме далеку, меѓутоа може да кажам дека и таму има голема разлика помеѓу земјите. На пример, Шведска и Финска имаат поголем број на европратенички во Европскиот парламент, меѓутоа Австрија и Холандија имаат израмнет број на жени и мажи во Европскиот парламент. Колку се оди натаму кон земјите од Централна и од Источна Европа, се забележува навистина голема дискрепанца во соодносот помеѓу бројот на мажи и жени. На пример, од Романија има 32 члена во Европскиот парламент од кои само седум се жени. Кипар воопшто нема жена европарламентарка, Словачка има само две жени од 13 членови на Европскиот парламент. Така што има голема разлика меѓу земјите во ЕУ. Во однос на Руанда и на Куба, видете во Руанда за време на геноцидот што траеше некаде во периодот од 1994 година до 1997 година, за жал имаше голем број на жртви, некаде околу еден милион и тоа направи една голема диспропорција во однос на бројот на населението. По геноцидот, некаде меѓу 60 до 70 отсто од населението претставуваа жените, бидејќи најголем број од жртвите во геноцидот беа мажи, така што тука комплетно се смени и демографската слика на населението и тогаш почна една тенденција на менување на традиционалните родови улоги, бидејќи веднаш штом дојде на власт новата влада во Руанда, едноставно тие немаа избор и мораа да ги вклучат жените кои претставуваа, речиси, 70 проценти од населението. Мораа да ги вклучат во сите општествени и економско-социјални текови во државата и тогашниот претседател има воведено големи број проженски, родово сензибилни и одговорни политики, а некаде во 2003 година се воведува и законската квота од 30 отсто, додека политичките партии воведуваа своја интерна квота. Но, сепак, можам да кажам дека во приватната сфера не е така, бидејќи присуствував на повеќе семинари каде што се обработуваше геноцидот во Руанда и нели силувањето врз жените како една од алатките за системско истребување на цели народи и тука имаше голем број претставнички од Руанда и од другите земји од африканскиот континент. Навистина тие имаат родово сензитивен парламент, меѓутоа дома сè уште имаат голема поделба меѓу тие традиционални, стереотизипирани родови улоги и сè уште е жената таа која што ги извршува сите работи дома. Насилството, исто така, за жал е присутно и дома и во јавните простори. Во Куба, на пример, настана една голема промена, некаде во 60-те и во 70-те години на минатиот век, за време на кубанската револуција и мислам дека од тогаш започна еден процес на искоренување на неписменоста, бидејќи претходно голем дел од населението беше неписмено и не посетуваше училиште и слично. Меѓутоа во 60-те и во 70-те години се воведе задолжително образование во сите степени. Понатаму, се направија големи реформи во однос на здравствената заштита, наталната заштита, се обрна големо влијание на заштитата на женското здравје, имаа безбеден и достапен абортус, на планирање на семејствата и во тој период најголем број од учениците и најголем број од студентите на факултетите и универзитетите, во Куба биле жени, некаде околу 63 проценти. Исто така денес некаде околу 70 проценти од адвокатите во Куба се жени, 70 жени се вработени во техничкиот сектор. Дури и на локално ниво во нивните провинции предничат жените, како градоначалнички се застапени во тие локални парламенти. Меѓутоа, сепак, Куба се соочува со други феномени. Тука е сексизмот и мизогонијата, сексуалното вознемирување на жените, посебно во оние јавни простори е многу застапено, значи е дел да не кажам од некоја нивна култура. Така што по дифолт и поголем број на жени во Парламентот не значи дека ќе имаме родово сензитивен и одговорен парламент.

Во неодамнешната анализа на Институтот за демократија, тенденцијата од 1990 година до 2002 година е одлучувачка моќ на жените да ја фокусираме во областите дефинирани како „меки”, односно во комисиите кои ги опфаќаат услугите, негата, образованието, културата и социјалните прашања. Најмал процент на жени е забележан во Комисијата за одбрана и безбедност, надзор врз работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Комисијата за надзор врз спроведување на мерките за следење на комуникациите, економски прашања, земјоделство, шумарство и водостопанство. На што се должи оваа тенденција?

Па, таа тенденција, секако, си влече свои корени од самите општествени и културолошки норми што постојат. Од сè уште сеприсутната доминација на мажите во некои т.н. сектори како што спомнавте дека се доминантно машки, а од друга страна, пак, имаме феминизација на одредени сектори како што се образованието, социјалата и здравството. Тоа, сепак, си влече свои корени уште од моментот на изборот на образование, значи кога девојките и момчињата се запишуваат на факултет, иако во последно време почнува да се менува тој тренд и да имаме поголем број на жени, девојки на техничките факултети. Мене лично ми е парадоксално, еве ја споменавте Комисијата за одбрана, еве и во сегашната влада ќе имаме жена министерка за одбрана исто така и во претходниот состав на Владата, имајќи предвид дека многу се работи на зголемување на бројот на учеството на жени во мирот и безбедноста и во одбраната, меѓутоа, сепак, остануваат присутни тие родови стереотипи, останува таа родова хиерархија сеприсутна. Но, добро е што во последниве години имаме една мала промена во тој поглед, иако, сепак, сè уште треба да се работи на надминување на овие предрасуди.

Од 19 министри, пак, според предлогот имаме само четири министерки, Радмила Шекеринска за одбрана, Мила Царовска за образование и наука, Јагода Шахпаска за труд и социјална политика и Ирена Стефоска за култура. Освен Шекеринска која останува на, да кажам, позиција во „неженска“ сфера, сите останати министерки се номинирани во сфери што се сметаат за „женски“. Што говори овој владин состав во однос на застапеноста на жените?

Освен Шекеринска која што е во секторот одбрана, останатите се поставени во тие т.н. социјално-културни категории и напоменавте дека од 19 министри сега имаме четири министерки што би било некаде околу 21 процент. Мислам дека неодамна имаше некоја реакција од женските невладини организации кои апелираа до мандатарот за состав на новата влада, Заев барем 30 отсто од жените да бидат застапени во новата влада, меѓутоа ова укажува дека овој процент што го имаме сега е помал процент. Јас сметам, меѓутоа и Клубот на пратенички минатата година и годината претходно имаше некои предлози,  некои иницијативи за воведување на законска родова квота од 30 проценти за жени во изборната власт. Да точно, немаме квоти за министерки и немаме квоти за градоначалнички и затоа е мал бројот на жени градоначалнички кај нас, исто и бројот на жени министерки. Четири министерки значи дека нам навистина ни треба родова квота, дека ние без квотите немаме напредок, немаме вклучување на жените во политиката на кое било ниво.

Од независноста до сега Македонија нема жена претседател на Собрание, ниту премиер, ниту претседател на држава, која е причината? 

Мислам госпоѓата Ката Лахтова беше претседателка на Собранието, потоа некаде во 2003 година беше и Лилјана Поповска, меѓутоа тоа беше многу краток период од десетина дена, до избор на претседател на Собранието. Тие мислам ја вршеа функцијата како вршител на должност. Немаме ни премиерка, имавме жени кандидатки за претседателки, меѓутоа немаме. Во европската политика може да забележиме дека веќе постепено почнува да се напушта тој тренд, односно имаме голем број на жени кои еве веќе имаме во Естонија, имаме во Словачка жена која е претседателка, Ангела Меркел на сите нам ни е добро позната, долги години е во политиката, па дури од нашето непосредно опкружување имаме примери. Поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, натаму претседателката на Косово, премиерката на Србија, така што мислам дека би требало да го земеме тоа како да стигне овој бран и кај нас, да го земеме и ова како еден позитивен пример од околните земји во нашето опкружување и да дадеме шанса на жените да бидат претседателки и премиерки, бидејќи ги имаат истите ресурси и капацитети значи како и мажите, истите способности.

Жената во политиката, но и воопшто жената на висока позиција е секогаш поизложена на вербални напади засновани на полова и сексуална основа. Вакви напади кај мажите претенденти или носители на високи позиции, речиси, и да не гледаме. Експерт сте по родови прашање. Која е таа потреба жената да се распне затоа што е жена и тој обид да се дискредитира на сексуална основа?

Да, како што напоменавте многу е ретко некој маж да биде во центар на вниманието и да се дискредитира по сексуална основа, полова основа, меѓутоа жените најчесто, а, пред сè, оние на високи позиции се наоѓаат во фокусот на внимание најпрвин по тоа што се гледа, се визуелизира нејзината појава, се коментира како изгледа, каква е фризурата, како е облечена и слично. Прво се атакува на нејзиниот физички изглед. Понатаму и со многу сексистички коментари, тие знаат да бидат јавно упатени непосредно до неа, знаат тоа да бидат и коментари на социјалните мрежи, на социјалните профили што во последно време е, за жал, во подем. Постојано се поставува и прашањето како жената политичарка и жената на висока функција ќе го балансира приватниот и професионалниот односно јавниот живот, а тоа, речиси, воопшто не се поставува на мажите во политиката или на некои други високи политички или други раководни функции. Значи сè уште на жената се гледа како општествено инфериорно, сè уште се гледа како подредена и сè уште е присутна таа сексуална објективизација на жената. Понекогаш, за жал, мора да кажам дека дури и од самите жени постои една самообјективизација. И, исто така, жените на јавни функции многу е поголем товарот што самата таа функција го носи со себе за разлика од мажите. Така што, како општество ние сме генерално сè уште заглавени во некој патријархален и традиционален ментален склоп и сè уште сметаме дека најголем дел од работата на жената е значи дома, да се грижи за своите, за децата и за постарите членови од фамилијата. Како илустрација на ова имаше едно истражување во 2018 година од Институтот за интерпарламентарната унија во однос на сексуалното вознемирување и насилство врз жените пратенички во Европскиот парламент и националните парламенти на земјите од ЕУ и тука навистина беа добиени застрашувачки податоци. Мислам дека околу 80 отсто од вкупно анкетираните 123 жени од 45 земји, изјавиле дека биле подложени на психичко насилство, 58 отсто изјавиле дека се подложни на онлајн сексуално вознемирување и некаде исто голем процент дека имале закани за физичко насилство, за тепање, па дури и за силување. Што значи дека ова, сепак, е еден глобален феномен во однос на сексуалното насилство и вознемирување врз жените на високи функции.

Еден заклучок или ваша оценка за унапредување на правата на жените во нашето општество? 

Сметам дека кога се направи една паралела во однос на 2002 година кога се воведоа родовите квоти, самите бројки и статистички податоци говорат дека има напредок во застапеноста на жените, не само во политиката, туку и во другите сфери. Имаме унапредување во поглед на родовата еднаквост, имаме добра законска регулатива, меѓутоа, сепак, има уште голем број на предизвици што стојат пред нас. Најнапред потребно е да ја подигнеме свеста за родовата еднаквост, не само кај нас кои работиме на ова прашање, туку и медиумите кои играат голема улога во однос на тоа и, секако, на целата општа популација.

Дали постои женска солидарност во Македонија или важи девизата „жена на жена е волчица“?

Тие удари на дискредитација понекогаш знаат да дојдат и од самите жени. Има одредени прашања на т.н. женски теми, за кои жените, сепак, не се доволно солидарни. Има солидарност, меѓутоа мислам дека треба сè уште да работиме на тоа. Прво како општество ние сме многу големи индивидуалци, индивидуализмот ни е пред колективното и пред солидарноста. Еве како пример би го напоменала Законот за прекинување на бременоста во 2013 година, тогаш стануваше збор за едно женско прашање, станува збор за суштинско женско право, меѓутоа сите жени не беа солидарни во однос на ова прашање. Секако, секој има право на свое сопствено мислење, но конкретно за жените во политиката, жените пратенички честопати тие знаат да го застапуваат повеќе да кажеме понекогаш во некои случаи и ставот на политичките партии, кои ги застапуваат, а не својот личен став. Така што сметам дека треба сè уште да се градиме како општество во однос на колективитетот и во однос на  солидарноста.