Баерн го понижи Фенербахче со 6:1 на „Ауди Купот“ во Минхен додека Тотенхем за гол беше подобар од Реал М. и славеше со 1:0.

Баварците немаа милост кон турскиот ривал и сериозно ја сфатија работата иако се работи за подготвителен турнир пред стартот на новата сезона. Тимот на Нико Ковач веќе на полувреме имаше водство од 5:0, па продолжението го одигра со малку поинакво темпо. Хет-трик постигна Томас Милер (31’, 44’, 58’), а мрежата на тимот од Истанбул ја тресеа уште Ренато Санчез (22’), Леон Горецка (28’) и Кингсли Коман (40’). Почесниот за Фенербахче беше дело на Макс Крузе (64’).

Единствениот гол, пак, за Тотенхем во триумфот над Реал М. го постигна Хари Кејн во 22. минута.

Финалето на „Ауди Куп“ меѓу Баерн Минхен и Тотенхем е во среда од 20.30 ч., Реал М. и Фенербахче ќе играат за трето место од 18 часот.