Обвинителството на Босна и Херцеговина поведе истрага против 13 лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело напад врз уставниот поредок на БиХ, а првоосомничен за уривање на државата е лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и српски член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Босанскиот весник „Аваз“, повикувајќи се на неименувани извори, истакнува дека Додик е осомничен дека сторил кривично дело „здружување заради извршување кривични дела“, поврзани со кривичните дела „напад врз уставниот поредок“ и „незаконско формирање војска“.

Покрај Додик, на списокот на осомничени се и претседателката на Република Српска (РС), Жељка Цвијановиќ, премиерот Радомир Вишковиќ, претседатлот на Народното собрание на Република Српска (НСРС), Недељко Чубриловиќ.

Обвинителството на БиХ ги сомничи и претседателите на пратеничките групи во НАРС, Петар Ѓокиќ, Ненад Стевандиќ, Драган Чавиќ, Дарко Бањац, Игор Жуниќ, Далибор Стевиќ, Споменка Стевановиќ, Маринко Драгишиќ.

Повикувајќи се на наредбата за спроведување истрага, „Аваз“ пишува дека оваа група на чело со Додик кон средината на оваа година учествувала во подготовката на сет закони од областа на одбраната, правдата, безбедноста и индиректното оданочување, со кои се ставаат вон сил законите донесени во Парламентот на БиХ.