Четири лица се убиени и исто толку се ранети, кога еден напаѓач отвори оган во ресторан во американскиот град Нешвил, јавуваа медиумите во САД.

Напаѓачот, кој бил целосно гол, влегол во ресторанот „Вафл хаус“ и отворил оган со пушка кон присутните, убивајќи четворица и ранил уште четири лица.

Како што пренесува „Би-би-си“, еден од посетителите во ресторанот успеал да му го одземе оружјето на напаѓачот, кој потоа избегал пеш од локалот.

Локалната полиција соопшти дека за нападот е осомничен 29-годишниот Тревис Реинкинг од Мортон и ги повика граѓаните да пријават доколку забележат „гол човек кој лута по улици”.

Напаѓачот дошол пред ресторанот со своето возило и почнал да пука околу 3.25 часот по локално, односно околу 8.25 часот според средноевропско време.

Осомничениот напаѓач наводно бил вооружен со автоматска пушка АР-15, оружје што вообичаено се користи во масовните пукања во САД. Слична пушка, како што наведуваат медиумите, била користени во нападот во Лас Вегас, во октомври минатата година, во кој загинаа 58 лица, како и во пукањето во училиштето во Флорида во февруари, годинава, каде беа убиени 17 ученици и вработени.

По пукањето во Флорида во САД се интензивираше дебатата околу контролата на оружје. Беа одржани масовни протести низ целата земја, а демонстрантите бараат простроги закони за контрола на оружјето.