Во понеделник и вторник во Скопје ќе се одржи 4. министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), на кој ќе се обратат премиерот Зоран Заев и министерот за култура, Хусни Исмаили.

На главниот панел на собирот, чии домаќини се Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, се предвидени тематски излагања на шефовите на делегациите присутни на Форумот.

На Форумот ќе учествуваат министри за култура и високи функционери од земјите членки во Процесот „17+1“, меѓу кои и кинескиот министер за култура и туризам Луо Шуганг, кој во Скопје доаѓа со неколкучлена делегација.

На Министерскиот форум ќе биде донесена и Декларација за идната културна соработка на земјите учеснички во Процесот „17+1“ што ќе содржи и План за наредните две години, со кој ќе се направи крупен чекор кон трасирањето на уште подинамична соработка. Планот за соработка опфаќа активности во областа на културните и креативните индустрии, културното наследство, филмот и дистрибуцијата на филмови, униите на библиотеки, како и составување на симфониски оркестар од 18 земји членки во Процесот „17+1“.

Во областа на културата досега се одржани три форуми за културна соработка меѓу Кина и земјите на ЦИЕ на министерско ниво – првиот и третиот во Кина, а вториот во Софија. На Третиот министерски форум беше усвоен и потпишан Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за култура на земјите од ЦИЕ и Кина за воспоставување Координативен центар за културна соработка со седиште во земјава.