Не е можно масовно ширење на болеста, едноставно заради тоа што пренесувањето на вирусот од човек на човек бара долготраен близок меѓусебен контакт. Од друга страна, симптомите на болеста се јасно видливи и препознатливи (карактеристичен осип, отечени лимфни јазли) и  секој појавен случај лесно би се идентификувал и изолирал, нагласува проф. д-р Даниловски. 

Простор за загриженост нема! Точно е дека заразените со мајмунски сипаници немале патувано во земјите на Западна и Централна Африка. Но, точно е и дека речиси сите заболени се од категоријата „мажи кои имаат секс со мажи“. Понатаму, еден експерт на СЗО изјави „дека водечката теорија што го објаснува ширењето на болеста е сексуалниот пренос меѓу хомосексуалците и бисексуалците на две рејв забави што се одржале во Шпанија и Белгија“. Исто така, точно е дека во Мадрид се јавиле 30 случаи по геј парада на Канарските острови, на која имало 80.000 учесници. Имајќи ги предвид овие факти, станува јасно како е дојдено до долготраен близок контакт, кој е неопходен за да дојде до заразување, вели за НоваТВ проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог на Институтот за епидемиологија и биостатистика во Скопје. Тој е категоричен „вакцинација против мајмунски сипаници не доаѓа предвид“!

Повеќе од десет земји, претежно во Европа, каде што овој вид сипаници се ретки, потврдија најмалку по еден случај на ова заболување, а според извештајот на Европскиот центар за контрола на заразни болести, (ЕЦДЦ) „Ова е првпат во Европа да бидат пријавени заразени луѓе без познати епидемиолошки врски со Западна или Централна Африка, каде што болеста е ендемична“. Досега се пријавени 291 случај на мајмунски сипаници.

– Ме прашувате која е проценката за понатаму. Несомнено дека ќе има спорадична појава на нови случаи и понатаму и тоа директно ќе зависи од поведението на луѓето. Промискуитетното однесување дефинитивно е најголем ризик-фактор да се заразите со мајмунски сипаници надвор од Африка, како што тоа го потенцираше Европскиот центар за контрола и превенција на болести. Ова значи дека не е можно масовно ширење на болеста, едноставно заради тоа што пренесувањето на вирусот од човек на човек бара долготраен близок меѓусебен контакт. Од друга страна, симптомите на болеста се јасно видливи и препознатливи (карактеристичен осип, отечени лимфни јазли) и  секој појавен случај лесно би се идентификувал и изолирал. Од друга страна, се работи за лесно заболување, кое поминува без поголеми проблеми по 2-4 недели. Се разбира, потешки симптоми може да развијат децата, бремените жени и имунокомпромитираните лица, предупредува д-р Даниловски.

На прашањето дали употребата на кондом може комплетно да штити од ширење на овој вирус или сепак не, бидејќи, нели, вирусот се пренесува и капково, тој појаснува:

Мајмунските сипаници не спаѓаат во сексуално преносливи болести, зашто патот на пренос не им е ексклузивно сексуален. Во случајов со актуелнава епидемија, тој пат е доминантен, но тоа се должи на тесен контакт кожа на кожа, зашто осипот се појавува и на кожата околу гениталиите. Употребата на кондом, според тоа, не може да претставува заштита. Заштитата се состои во избегнување на контакт со лица кои имаат симптоми и прекинување на промискуитетното однесување, додава д-р Даниловски.

Во врска со тоа ќе треба ли да се вакцинираме и против овие сипаници епидемиологот Даниловски е категоричен:

– Тоа не доаѓа предвид! Мајмунските сипаници воопшто не претставуваат закана за јавното здравје, како што беа големите сипаници (вариола вера), кои се ерадицирани во 1979 година. Овде доаѓа предвид само т.н. „прстенеста вакцинација“ (ring vaccination), што подразбира вакцинирање само на контактите на болните лица, членовите на нивните семејства и секако, професионално изложените лица: персоналот во лабораториите и здравствените работници што се грижат за болните, вели тој.

Љубица Балабан