Третата одлука за вонредна состојба во времетрање од 14 дена што претседателот Стево Пендаровски ја донесе по последната седница на Советот за безбедност истекува на крајот на месецот, по што според Уставот треба да продолжат законските активности за одржување на предвремените парламентарни избори што беа одложени поради коронакризата.
Партиите сè уште без усогласен термин за изборите, откако последната лидерска средба заврши со различни ставови на власта и на опозицијата за натамошните активности околу предвремените избори, кои пред избувнување на епидемијата на ковид-19 требаше да се одржат на 12 април.
И власта и опозицијата сакаат на избори со датум со консенсуз, но засега, според она што го кажуваат во јавноста, заеднички јазик нема, а усогласување на ставовите се очекуваат до крајот на оваа недела, иако засега нема официјална потврда за нова лидерска до 30 мај.
Лидерот на владеачката СДСМ, Зоран Заев вчера во телефонски разговор со в.д. премиерот на Косово Албин Курти, нагласил дека до крајот на оваа недела ќе се знае кога ќе се одржат изборите, додавајќи дека тие треба да бидат организирани во најбрз можен рок.
За содржината на разговорот Заев-Курти јавноста беше информирана преку соопштение на СДСМ, откако претходно лидерот на Движењето Самоопределување вчера повторно се заложи за вонредни парламентарни избори во неговата земја, наведувајќи неколку држави во кои ќе има избори во наредните месеци, меѓу кои и Северна Македонија која, според него, ја чекаат избори во јули.
Лидерот на СДСМ, кој по завршувањето на лидерската средба кај претседателот Пендаровски, рече дека првиот термин за избори, по укинувањето на вонредната состојба и врз основ на Уредбата со законска сила, е 21 јуни, вчера во интервју за мкд.мк нагласи дека секое одложување на изборите е на штета на здравјето на граѓаните, на штета на економијата и на демократијата.
„Лесно е да се направи разлика меѓу оние што само се повикуваат на здравјето и оние што преземаат конкретни чекори да го заштитат. Поради кризата ги замрзнавме изборните активности и ги одложивме изборите. Согласно законските одредби, штом заврши вонредната состојба, продолжуваат и изборните активности “, рече Заев
Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на лидерската предложи три термини – 23 и 30 август и 13 септември, и натаму е за избори во рамки на тој период. Тој вчера во интервју за ТВ Клан истакна дека август и септември се најдобри периоди за одржување на изборите, затоа што, според него тогаш е најбезбедно за здравјето на граѓаните, а на прашањето дали неговата партија би ги бојкотирала евентуалните избори во јуни, кажа дека „сè е можно“.
„Тие ценат дека нивниот министер за здравство има определена симпатија кај граѓаните и со тоа мислат ќе добијат поголема поддршка од граѓаните. Но, има и определена група на граѓани кои нема да излезат од страв од коронавирусот, но и бидејќи се разочарани од оваа власт која ветуваше многу, но не исполни ништо“, рече Мицкоски, според кого барањата на Заев создаваат конфузија кај граѓаните бидејќи најпрвин барал вонредна состојба, а веќе другиот ден избори.
Нагласи дека „здравјето е пред сè и тоа е нешто што не се менува“ и додаде дека одлуките во неговата партија ги носат врз основа на мислењата на експертите.
Речиси 70 отсто од граѓаните, пак, ќе излезат на гласање на парламентарните избори доколку здравствените власти дадат зелено светло за тоа. Тие нема да се чувствуваат безбедно доколку тоа биде само со повик од политичарите. Овој заклучок произлегува од истражувањето на јавното мислење за изборите што го објави „Детектор“, а го изработи Институтот за политички истражувања Скопје.
Истражувањето покажува дека во случај надлежните здравствени власти дадат зелено светло за избори, на гласање би излегле 69,6 отсто од граѓаните, додека 19 отсто велат дека нема да се појават пред гласачките кутии.
Билансите на ковид-19, пак, покажуваат дека во изминатите два дена не се регистрирани смртни случаи во земјата како последица на вирусот, како и минимален пад на бројот на новозаразени, кој вчера достигна 21, а завчера беше 37. Вкупната број на дијагностицирани лица со коронавирус во Македонија од почетокот на епидемијата, изнесува 1.999, бројката на оздравени пациенти е 1.439, на починати е 113, а бројот на активни случаи во земјата во моментот изнесува 447.
Според Уставот, изборите мора да се одржат дваесет и два дена по завршувањето на вонредната состојба. Министерката за правда Рената Дескоска минатата недела, елаборирајќи ја владината уредба што се однесува на изборите, нагласи дека изборните дејствија се веќе започнати од институциите, значи се преземени чекори за подготовка на изборите, но истите се паузирани поради вонредната состојба и треба да продолжат онаму каде што застанале веднаш по завршувањето на вонредната состојба.
Таа на лидерите им порача дека може да разговараат за одредени рокови или термини за избори, но тие термини мора да бидат во рамките на Уставот, со почитување на уставните одредби, бидејќи никој, ниту волјата на лидерите не смее да се стави над Уставот на нашата држава.
„Ако вонредната состојба не биде продолжена, во тој случај изборите неминовно паѓаат дваесет и два ден по завршувањето на вонредната состојба“, порача Дескоска.