Според едно од соопштенијата на јавното обвинителство, иницијалите Н.Г. исти со иницијалите на поранешниот премиер Никола Груевски се поврзуваат со кривични пријави од СДСМ за делата: Злосторство против човечноста, Злоупотреба на државна, службена или воена тајна, Злосторничко здружување, Перење пари, Неовластено прислушување и други. Неофицијално, дознаваme дека Иванов не ги аболирал сите осомничени во предметите на Специјалното јавно обвинителство.
Прочитајте ја анализата на албански јазик, на следниот линк.
И покрај тоа што помина повеќе од еден месец, јавноста се уште нема официјални информации како претседателот Ѓорѓе Иванов дознал за педесетина осомничени кои ги аболираше кога предистражните постапки се тајни.
Од Специјалното јавно обвинителство тогаш објавија дека тие не биле консултирани, ниту дале податоци за лица за кои се водат истражни и предистражни постапки за кои Иванов донесе одлука за аболирање.
Нема детали ниту за тоа кој функционер и политичар, за кое кривично дело е аболиран.
Во недостиг на официјални информации од институциите, НОВА и ПортАлб направија анализа на деталите кои досега се излезени во јавноста од институциите, преку кои може да се претпостави кое лице за што е аболирано.
Дознаваме дека не се аболирани сите осомничени во предметите на Специјалното јавно обвинителство. Неофицијално, дел од лицата кои се осомничени во предметите „Титаник“ и „Тврдина“, не се нашле во листата на аболирани на Иванов.
Доколку се анализираат објавените бомби од опозициската партија СДСМ , како и соопштението на Јавното обвинителство од 19 ноември, во кое се наведени кривичните пријави поднесени од СДСМ, ако не целосно прецизна, се добива барем генерална слика за тоа кој политичар или функционер, за што би можело да е аболиран.
Во ова соопштение, се наведени детали за предметите кои се формирани по кривичните пријави на СДСМ, заедно со кривичните дела за кои се осомничени главните актери во аферите кои произлегоа од бомбите. Нивните имиња се наведени со иницијали и некои од кривичните дела се повторуваат повеќе пати, но доколку се погледне листата на аболирани од Иванов објавена во Службениот весник, може да се направи реконструкција. Во продолжение дел од нив:
1. Никола Груевски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер
Според предметите формирани во обвинителството по пријавите од СДСМ, иницијалите Н.Г. исти со оние на Груевски, кој е помилуван седум пати, се споменуваат во предмети поврзани со „Злосторство против човечноста“, „Злоупотреба на државна, службена или воена тајна“, „Неовластено прислушување“, „Непријавување кривично дело или сторител“, „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, „Фалсификување исправа, Повреда на избирачкото право и за кривичното дело – насилство“.
Иницијалите Н.Г. се споменати во предметот поврзан со бомбата во која според СДСМ, Груевски и Јанакиески ја договараат пренамената на земјиштето на Водно, од шума во градежно, со цел да ги присвои за себе. За овој случај, според соопштението на Јавното обвинителство од 19-ти ноември, како кривични дела се водат – „Злосторничко здружување“, „Перење пари и други приноси од кривично дело“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
2. Миле Јанакиески – поранешен министер за транспорт и врски
Јанакиески според Службениот весник е аболиран 16 пати. Токму таа е бројката на поднесени кривични пријави од СДСМ кои се наведени во соопштението на Јавното обвинителство од 19-ти ноември поврзани со иницијалите М.Ј.
Според обвинителството, М.Ј., заедно со други лица е осомничен оформен по поднесена кривична пријава од СДСМ против лицата Н.Г., М.Ј., К.Т., В.Т., Р.Н., Т.М., НН лица од АД „КАРА“ – Скопје и НН лица, сопственици на „Сирах Лимитед“ од Белизе, „Т & МЈ Инвестмент“ од Лугано, Швајцарија за кривичните дела – „Злосторничко здружување“ и „Перење пари и други приноси“ како и за „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Предметот се поврзува со бомбата во која според СДСМ, Груевски и Јанакиески во детали ја договараат пренамената на земјиштето на Водно, од шума во градежно, со цел да ги присвои за себе.
За Јанакиески е формиран кривичен предмет и за случајот „Космос“ за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, но злоупотребата на службената положба повеќе пати се споменува и во други предмети.
Предмети се оформени и за кривичните дела: „Присилба“, „Повреда на слободата на определување на избирачите“ како и за „Повреда на тајноста на гласањето“, за што се формирани повеќе кривични предмети за различни случаи.
Формирани се предмети и за „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, додека М.Ј заедно со Н.Г., Г.Ј.,. и НН лица, вработени во МВР се осомничени и за „Фалсификување исправа“ и „Повреда на избирачкото право“.
3. Гордана Јанкулоска – поранешна министерка за внатрешни работи
Јанкулоска е помилувана 13 пати. По кривичните пријави од СДСМ иницијалите Г.Ј. во информациите од јавното обвинителство, се споменуваат во предметите поврзани со „Злосторничко здружување“, „Неовластено прислушување“, „Злосторство против човечноста“, „Фалсификување исправа“, „Повреда на избирачкото право“, „Повреда на рамноправноста на граѓаните“, како и повеќе предмети за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Повреда на слободата на определување на избирачите“.
4. Сашо Мијалков – поранешен директор на УБК
Иницијалите С.М. во соопштението на јавното обвинителство по кривичните пријави поднесени од СДСМ се поврзуваат со делата: „Злосторничко здружување“, „Неовластено прислушување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Злосторство против човечноста“. Се наведува и кривичното дело „Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување“, најверојатно поврзано со бомбата за апсењето на Љубе Бошковски.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков беше аболиран шест пати. По поднесената кривична пријава од СДСМ формиран е и предмет за „Примање поткуп“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“, најверојатно поврзан со бомбата во која се договара израелската опрема за прислушување.
5. Горан Грујовски – поранешен началник на Петата управа при УБК
Горан Грујовски е помилуван три пати. Иницијалите Г.Г. се поврзуваат со предмети отворени за делата „Злосторничко здружување“, „Неовластено прислушување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Злосторство против човечноста“.
6. Мартин Протоѓер – шеф на кабинет на поранешниот премиер Никола Груевски
Иницијалите М.П во кривичните пријави на СДСМ поднесени до обвинителството се поврзуваат со кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Злосторство против човечноста“, „Повреда на слободата на определување на избирачите“, „Присилба“ и „Повреда на рамноправноста на граѓаните“. Мартин Протоѓер е помилуван пет пати од Иванов.
7. Мендух Тачи – претседател на ДПА
Иницијалите исти со оние на претседателот на ДПА, Мендух Тачи во соопштението на јавното обвинителство се поврзуваат со кривичниот предмет оформен по поднесена кривична пријава од СДСМ за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, најверојатно поврзани со бомбата за изборни измами, во која според СДСМ, Сашо Мијалков ургира кај Тачи за гласање во ДИК.
8. Бедредин Ибраими – член на ДИК од ДПА
Иницијалите исти со името на Бедредин Ибраими во соопштението на јавното обвинителство се поврзуваат со кривичниот предмет оформен по поднесена кривична пријава од СДСМ за „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
7. Кирил Божиновски – поранешен генерален секретар на Влада
Иницијалите К.Б, во истото соопштение се поврзуваат со „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Предизвикување општа опасност“, „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, како и за „Злоупотреба на лични податоци“.
8. Ирена Мишева – претседателка на Советот на Град Скопје
Претседателката на Советот на Град Скопје и неизвршен член на управниот одбор на А.Д. Телеком, Ирена Мишева е помилувана два пати. Иницијалите И.М. во соопштението на јавното обвинителство се поврзуваат со предмети за две кривични дела – „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Повреда на слободата на определување на избирачите“.
9. Жарко Луковски – главен извршен директор на „Телеком“
Иницијалите Ж.Л. се поврзуваат со „Повреда на слободата на определување на избирачите“ и „Повреда на тајноста на гласањето“.
10. Зоран Заев – претседател на СДСМ
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев е четвртообвинет во случајот „Пуч“ и се товари за кривично дело „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“. Тој исто така е обвинет и во случајот „Поткуп“ за кривично дело примање поткуп од членот 357 ст. 5 од КЗ.
11. Зоран Верушевски – поранешен директор на УБК
Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски е првообвинет во случајот „Пуч“ за едно продолжено кривично дело „Неовластено прислушување и тонско снимање“ во врска со „Шпионажа“, како и за „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“.
12. Бранко Црвенковски – поранешен претседател на СДСМ и поранешен претседател на Македонија
Специјалното јавно обвинителство на прес конференцијата кога го отвори првиот случај „Титаник“, најави дека е започната предистражна постапка за аферата „Надеж“. Случајот „Надеж“ во јавноста излезе во 2011-та година, кога Бранко Црвенковски и членови на неговиот кабинет беа обвинувани дека незаконски потрошиле 340 илјади евра за консултантски услуги од словенечки експерти кои ги советувале за односи со јавност.
За дел од аболираните, како на пример за сега починатиот Коста Крпач, за кого Специјалното јавно обвинителство кажа дека бил сведок, а не осомничен во некој предмет, останува нејасно за што се аболирани и од каде Иванов ги добил информациите. Неколку политичари и функционери кои беа аболирани, јавно ја одбија аболицијата, а некои од нив поднесоа и официјални писма до Иванов да ги повлече одлуките за помилување.
Сторијата е изработена во соработка помеѓу НОВА ТВ и Порталб.