Новиот претседател на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев денеска даде свечена изјава пред членовите на Судскиот совет, со што и официјално стапи на функцијата како наследник на судијата Стојанче Рибарев.

Во својата свечена заклетва тој истакна дека нема да дозволи политички притисок врз судиите, а од нив ќе бара да работат согласност законите.

На јавната седница одржана на 8.ноември, Судскиот совет  со 11 гласа „за“ и два „против“ го избра Џолев за претседател на Основниот суд Скопје 1, во конкуренција со шест други судии.

Освен Џолев, за претседателското место  се кандидираа судиите Владимир Панчевски, Ивица Стефановски, Верка Петковска, Осман Шабани, Ѓоко Ристов и Весна Димишкова.

Судијата Оља Ристова, иако поднела, сепак ја повлекла кандидатурата за претседател на скопскиот Кривичен суд.

Џолев рече дека најпрво ќе направи анализа и ќе разговара со сите судии заеднички, но и поединечно, и потоа ќе направи распоред за судиите.

„Ќе има прегрупирање и се надевам дека нема да има незадоволни судии. Итни прераспоредувања нема да има, освен по исклучок доколку се појави некоја итна интервенција“, рече тој.