Директорите од повеќето скопски клиники, доктори и хирурзи денеска напладне му ракоплескаа на Груевски додека тој најавуваше нови проекти и инвестиции во здравството. Иако кампањата се  уште официјално не е започната, се отвораат сомнежи дали администрацијата, во случајов таа од здравството се злоупотребува во предвремена кампања во пресрет на изборите. 

Минатата недела лидерот на ВМРО – ДПМНЕ најави 33 милиони евра инвестиции во медицинска опрема. Гости му беа вработените во здравството, директори и лекари. Денеска Груевски најави нови проекти, повторно во здравството. На пладне, директорите од повеќетоо скопски клиники заедно со доктори и хирурзи  вработени во јавното здравство дојдоа на пресот на Груевски за да му дадат поддршка на проектите.

Иако се најави како прес-конференција, повеќе наликуваше на промоција на изборна програма. Имаше само новинари и вработени во здравството, а новинарските прашања беа забранети.

slvmro

Откако Груевски ги презентираше мерките во еден подолг говор, се заблагодари и замина. Останаа само докторите за да ракоплексаат на говорот. Добар дел од нив беа именувани за директори токму во времето кога шеф на владата беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Во првите редови за време на прес-конференцијата беа некои од најверните подржувачи на власта и на министерот Никола Тодоров кои внимателно го следеа излагањето на Груевски.

Александар Шиколе, директор на Клиниката за нефрологија, Татијана Беавска Вучковиќ, директорка на Здравствен дом Скопје која воедно и донира на партиската сметка, Виктор Камиловски, заменик директор на Градска болница „Св. Наум Охридски“, директорката на истата болница, Јасминка Чабуковска, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефановски, потоа Бисерка Ќаева директорка на Клиниката за пулмологија и повеќе лекари од скопските клиники громогласно ракоплескаа пред претседателот на партијата на власт да го започне говорот, а исто така и по завршетокот.

Директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, не беше во првите редови, но и таа не изостана да ги поздрави најавените мерки.

Предвреме во кампања

На предвремените парламентарни избори во 2014 година, набљудувачкатта мисија на ОБСЕ/ОДИХР забележа дека не постои раздвојување на државните од партиските ресурси во кампањата. МОСТ даде забелешки на предвреме почнати кампањи, а и ОБСЕ  го  потврди истото: државните ресурси се користеа за партиските цели во кампањата на ВМРО ДПМНЕ, а нотиран е и притисок врз администрацијата за присуство на настани на изборната кампања, 16 понекогаш во текот на работните часови.

Ако денеска ги видовме лекарите и директорите среде работно време на промоција кај Груевски, на претходните избори дури самиот Груевски од позиција на премиер изјави дека вработените во министерството за финансии наместо за државата работеле за партијата и пред да почне кампањата. Во  интервју за „Јанко јади бурек“ изјави дека вработени во министерството за финансии ја правеле изборната програма на ВМРО ДПМНЕ.

Додека Груевски промовира партија, СДСМ лови лаги во програмата

И додека Груевски најави дека во 2019 година ќе почне реновирање и адаптација на објектот на Универзитетската клиника за кардиологија што ќе чини околу 180 милиони денари, инвестиција од околу 2 милиони евра за хибридна сала која ќе функционира во рамки на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, како и формирање на Национален центар за кардиоваскуларни заболувања кој ќе функционира како координативно тело кое ќе предлага креирање на политики во овој сегмент, потоа внатрешно реновирање на објектот на Клиничката болница во Битола, реконструкција на објектот на Психијатриската болница во Демир Хисар до крајот на идната година, како и реализација на втората фаза од целосната реконструкција и адаптација на објектот на Општа болница Кичево, која ќе почне да се реализира во текот на идната година, СДСМ преку портпаролот Петре Шилегов продолжува да реагира на неговите искази.

Шилегов пак вели, Груевски денеска најдрско и најнесовесно продолжувал со лагите кога се работи за здравјето на граѓаните.

– Инвестицијата во кардиологија која што веќе е одбиена од Министерството за финансии и за која што нема предвидена средства во буџетот на РМ, денес повторно бесрамно ја најавува, вели Шилегов.

Приложувајќи документи, Шилегов вели покрај Кардиологија, одбиени биле и инвестициите за здравствениот дом во Валандово, за општата болница во Струмица, за амбуланта во Секирарци, за рендген во Кривогаштани, за итна помош во Идризово и за центар за рани во геронтолошкиот завод во Скопје.

sds1       sds2  sds3